Спејсекс полета во вселената со цивилен екипаж (ВИДЕО)

43

Ракетниот брод Спејсекс полета од Флорида со првиот целосно цивилен екипаж што некогаш бил лансиран на лет кон Земјината орбита.

Летот на Спејсекс од вселенскиот центар Кенеди на Кејп Канавера го изнајми американскиот милијардер Џаред Ајзекмен, 38-годишниот основач и извршен директор на компанијата за финансиски услуги Шифт4 Пејмент, исто така искусен пилот.

Покрај Ајзекмен, на бродот има уште три лица Хејли Аркено, Сијани Проктор и Крис Семброски. Овој квартет аматерски патници во вселената се подготвувал за летот со месеци.

Се очекува летот, првата мисија со екипаж што тргна во орбитата без професионални астронаути да трае околу три дена од лансирањето до враќањето на Атлантикот, соопштија претставници на мисијата.

Ова е дебитантски лет на новиот туристички бизнис на сопственикот на Спејсекс Илон Маск, кој е чекор понапред од конкурентите кои исто така им понудија возење со ракетни бродови на купувачите подготвени да платат мало богатство за возбудлив лет во вселената.

Официјално не е објавено колку Ајзекмен му платил на Маск за овој лет во вселената, но списанието Тајм ја процени цената на билетите за сите четири места на 200 милиони долари.