Србите со негодување ги отстрануваат барикадите – опасноста од конфликт одложена, тензиите останаа

9

 

Започна отстранувањето на барикадите кои косовските Срби повеќе од 18 дена ги држеа како знак на протест против апсењата на поранешни српски полицајци, но и воопшто поради мерките на владата на Албин Курти за воведувањето на регистерските таблици, но и забраната за влез на српскиот патријарх Порфириј на Косово.

Барикадата на Мердаре од правец на централна Србија е отстранета и сообраќајот е повторно воспоставен. Српскиот претседател Александар Вучиќ синоќа по средбата со претставниците на Србите од Косово изјави дека е донесена одлука за отстранување на барикадите.

-Од утре претпладне почнува отстранувањето на барикадите, но тоа не може да се направи за два часа. Дали за 24 или за 48 часа – барикадите ќе се отстранат, но недовербата не е отстранета. Тие што мислат дека можат да си играат со животите на Србите и нивниот опстанок, тие треба да знаат дека, како што до сега не сме дозволиле сите заедно, нема да дозволиме ниту во иднина, потенцираше синоќа Вучиќ.

На ова му претходеше одлуката на косовското обвинителство кое, како што соопшти, врз основа на здравствениот, а воедно и човечкиот аспект, на Основниот суд во Приштина предложил замена на мерката притвор за обвинетиот српски полицаец Пантиќ, односно било констатирано дека Пантиќ не е во добра здравствена состојба и било препорачано од затвор да биде испратен во болнички центар, и потоа во куќен притвор.

Косовскиот премиер, Албин Курти изрази негодување поради одлуката судот во Приштина да му ја смени мерката притвор со мерка домашен притвор на поранешниот косовски полицаец Дејан Пантиќ, кој беше приведен како осомничен напади Централната изборна комисија во северот на Косово.

Тој во обраќање пред новинарите, изјави дека би сакал да знае „кој е тој судија“ кој го пушти од притвор Пантиќ, кој се сомничи за тероризам.

Од друга страна, оваа одлука за Белград знаечеше одреден компромис па оттаму и започна да влијае врз косовските Срби да ги оtстранат блокадите. Но не сите учесници во барикадите се согласуваат со српскиот државен врв да се одстранат блокадите сметајќи дека сето ова преставува само купување на време за Приштина која и натаму ќе продолжи да ги спроведува мерките кои, според тамошното српско население, се во насока на протерување на Србите од Косово.

Косовските медиуми јавуваат дека на барикадите што ги држеле Србите дошло до конфликт меѓу оние кои ја поддржуваат иницијативата на српскиот претседател Александар Вучиќ за нивно отстранување и, како што се наведува, „Русите“ кои се против и не дозволуваат отстранување.

„Русите се проблем затоа што се противат и не сакаат да дозволат нивно отстранување. Се сомнева дека тие (Русите) ноќеска запалиле камиони на мостот во Звечан во знак на бунт против таквата наредба. Познато е дека Вучиќ испрати „јаки луѓе“ од Белград“, на барикадите за да не се попречува отстранувањето на барикадите“, пишува приштинската агенција Коссовапрес.

Овие пишувања, укажуваат дека Приштина јасно имплицира дека зад барикадите и протестот на Србите на Косово стои Москва, која преку своите разузнавачки соработници во Белград се обидува да направи конфликт на Балканот и така да го дефокусира притисокот кој го добива во војната во Украина.

Овие наводи вчера експресно беа отфрлени од Кремљ кои соопштија дека е апсолутна глупост дека се вмешани во најновите тензии на Балканот.