Средба Ковачевски-Вучиќ во Белград: Се продлабочува пријателството и партнерството меѓу Северна Македонија и Србија

11

Премиерот Димитар Ковачевски и српскиот претседател Александар Вучиќ, на денешната средба во Белград го потврдиле долгогодишното партнерство и пријателство меѓу Северна Македонија и Србија, кое, како што соопшти владината прес-служба, се отсликува преку постојаната взаемна поддршка за клучни прашања и предизвици кои ги засегаат двете земји.

-Билатералните односи меѓу двете земји се карактеризираат со динамичен политички дијалог на високо ниво, економска соработка и трговска размена, се посочува во соопштението од средбата.

Ковачевски и Вучиќ разговарале за регионалните иницијативи кои се можност за перспективи и уште поголемо унапредување на меѓусебната соработка.

-Целта на Отворен Балкан и Берлинскиот процес е регионален развој и побрза интеграција на единствениот европски пазар и во Европската Унија, се наведува во соопштението.

Премиерот Ковачевски и претседателот Вучиќ размениле мислења за политиката на проширување на Европската Унија со земјите од Западен Балкан и за динамиката на пристапните преговори на Северна Македонија и Србија. Во таа насока беа потенцирани реформските процеси во повеќе клучни области, градење на институционални капацитети како и развојните стратегии кои ги спроведуваат владите на двете земји.

На средбата биле разменети и информации за делувањето на двете држави во рамки на Западен Балкан, во контекст на економската, демократска и безбедносната ситуација во регионот и Европа.

Премиерот Ковачевски е во официјална посета на Србија, и ја предводи делегацијата во која се министрите за внатрешни работи Оливер Спасовски, за економија Крешник Бектеши, за транспорт и врски Благој Бочварски како и заменик министерот за информатичко општество и јавна администрација Александар Бајдевски, кои присуствуваа на средбата со претседателот Вучиќ.

Во моментов пред Палата Србија се одвива свечениот пречек со највисоки државнички и воени почести на премиерот Ковачевски од страна на премиерката Ана Брнабиќ.

По тет-а-тет средбата со Брнабиќ и средбата на двете делегации ќе бидат потпишани три меморандуми за соработка, по што премиерите ќе одржат прес-конференција.

Официјалната посета треба да заврши со средбана Ковачевски со претседателот на српското Собрание.