Средношколците не сакаат дигитални учебници, започнаа со бојкот на наставата

10

Предлог-законот за дигитални учебници предизвика револт кај родителите, наставниците, но и учениците, кои од денеска започнаа да ја бојкотираат наставата во повеќе средни училишта ширум земјава.

Средношколци од неколку скопски, струмички и штипски училишта започнаа со бојкот на наставата, откако од претходно се организирале преку социјалните мрежи, соопштувајќи им на наставниците дека од денеска почнуваат со бојкот.

– Знам дека од утрово класот на мојот син е на бојкот и тие ја имаат и поддршка од родителите. Треба да се повлече овој закон додека е време. Ниту еден ученик не сака само дигитални учебници – вели родител од Струмица за „Слободен печат“, а и лидерот на средношколскиот Сојуз Бленди Ходаи, исто така соопшти дека средношколците веќе го започнале бојкотот.

– Денеска сме информирани за бојкотот, иако ние во Сојузот немаме донесено одлука за бојкот на наставата. Засега имаме информации дека се бојкотира во Штип и Скопје – потврди Ходаи.

Од друга страна, денеска и родителите на пресконференција пред МОН ќе го искажат своето незадоволство против дигиталните учебници, а воедно ќе отворат и пункт за потпишување на петиција против дигитализацијата.