Средношколците од „Ибраим Темо“ бараат притвор за професорот што претепа ученик

25

Средношколците од гимназијата „Ибраим Темо” од Струга денеска ја бојкотираат наставата и со мирен протест пред Основниот суд во Струга изразија незадоволство од одлуката за неодредување мерка притвор за професорот што вчера повреди ученик во училиштето.

Протестот, како што посочуваат, е за случајот да не се повтори, професорот да го добие заслуженото, за тие да се чувствуваат безбедно кога одат на училиште.

– Ги браниме нашите права, случајот од вчера да не се повтори пак. Тука сме професорот да го добие тоа што го заслужи, да добие притвор. Ние не се согласуваме да биде пуштен. Судот да му додели притвор. Ние не сакаме да одиме со страв во школо, родителите нема да не пуштаат. Ако професорот е на слобода, ние нема да сме безбедни, изјави Сара Кадриоска, ученичка во „Ибраим Темо”.

Полицијата, како што соопшти СВР Охрид, вчера го привела 57-годишниот Е.С., професор по англиски јазик во струшката гимназија. Лицето било задржано синоќа во полициската станица во Охрид, но според информациите, сега е на слобода.

– СВР Охрид денеска поднесе кривична пријава против Е.С. (57) од Струга поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „насилство”. Кривичната пријава е поднесена до ОЈО Струга, изјави портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски.

Од Основното јавно обвинителство за МИА информираат дека се дадени соодветни насоки и наредби за преземање дејствија од страна на МВР.

– По преземањето на дејствијата расчистување на случајот ќе биде донесена соодветна одлука. Мерка притвор до овој момент не е побарана, но се преземаат дејствија за расчистување на настанот, потврдија од ОЈО.

Инцидентот се случил вчера околу 13:30 часот, кога професорот Е.С. (57) со метален предмет го удрил средношколецот по главата. Детето било примено на одделението за Хирургија каде било сошиено, а професорот бил приведен. Според директорката на средното училиште „Ибраим Темо” Бесиме Јонузи, се работело за проблематичен професор, против кој неколку пати биле поведувани дисциплински постапки и бил пријавуван во надлежните институции.