Средношколци и родители се организираат за бојкот на наставата поради загадувањето

9

Средношколци од повеќе средни училишта преку социјалнте мрежи се организираат во петок да ја бојкотираат наставата во сите средни училишта, како форма на револт против екстремно високото загадување во земјава, пишува Фактор.

На фејсбук кружи објава во која средношколците велат дека повеќе е неприфатлива лежерноста на власта и немањето идеја како да се реши овој најголем проблем, па затоа се одлучиле за бојкот на наставата.

„Средношколци, родители, професори, секоја наредна година, секој нареден ден, станува се полошо. Ние, средношколците, сме крајно изреволтирани од непреземањето ништо, лежерноста на власта и немањето идеја како да се реши овој најголем проблем. Затоа, во петок, на 20.12.2019. ние, средношколците, нема да присуствуваме на настава во сите средни училишта. Целта на ова е власта и сите општетсвени фактор да се фокусираат на овој проблем, а по бојкотот ќе се приклучиме на Зелениот фронт и нивните барања, кои се единствено решение за оваа неподнослива ситуација. За нашите животи се работи“, се вели во објавата што се врти по фејсбук.

Во исто време и родители на деца во основните училишта, но и во градинките, па дури и на студенти, формираат групи за бојкот на наставата.

„Родители на ученици, студенти и малите во групава, да се преброиме кој е за бојкот. Не има близу 50 илјади“, се вели во објавата.

Според Фактор, се уште нема информации дали одреден родители веќе и поединечно не ги пуштаат на училиште своите деца, како своевидна форма на заштита од екстремно високото загадување.

Во зимските месеци, загадувањето е еден од најголемите проблеми на земјава. Граѓаните на протести и преку разни други форми го изразуваат својот револт, а Владата постојано нагласува дека презема серија мерки за да го реши проблемот, но дека тоа не може да се успее преку ноќ, туку е потребен подолг период.