Стано: Прашајте ги Вучиќ и Хоти дали знаеле што потпишуваат во Вашингтон

39

Прашањето дали лидерите на Србија и Косово знаеле што потпишуваат во Вашингтон, каде што ветија дека ќе отворат амбасади во Ерусалим, треба да им се постави ним, бидејќи Европската Унија не беше информирана за тоа, изјави вчера во Брисел претставникот на Европската комисија, Петер Стано.

„Прашавте дали тие знаеле што потпишуваат. Мислам дека тоа е многу добро прашање за нив“, рече Стано, одговарајќи на новинарско прашање, пренесе хрватската новинска агенција Хина.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, минатата недела во Вашингтон потпиша документ со кој се обврзува дека Србија својата амбасада во Израел ќе ја премести од Тел Авив во Ерусалим, а премиерот на Косово, Авдулах Хоти, потпиша сличен документ во кој се обврза својата амбасада во Израел да ја отвори во Ерусалим кога ќе се воспостават дипломатски односи меѓу Косово и Израел.

Стано додаде дека Европската Унија има информации за економските аспекти на состанокот меѓу Србија и Косово во Вашингтон, но дека не знае за делот што се однесува на воспоставувањето односи меѓу Косово и Израел и преместувањето на српската амбасада.

Стано потсети дека ЕУ е неутрална во однос на Ерусалим, односно дека се залага за решение „според моделот на две држави“ – Израел и Палестина, кои можат мирно да коегзистираат, а Ерусалим да биде главен град на двете држави.

Ниту една членка на ЕУ нема амбасада во Ерусалим.

Вучиќ и Хоти вчера повторно преговараа во Брисел под покровителство на ЕУ за нормализирање на односите и издадоа заедничко соопштение во кое велат дека најголем приоритет им даваат на евроинтеграцијата и на продолжувањето на дијалогот под покровителство на ЕУ, што е клучен елемент на нивниот пат кон ЕУ.

Вучиќ и Хоти исто така ветија дека ќе ги засилат своите напори за да се обезбеди усогласеност со ЕУ во склоп на нивните обврски.

Во заедничката изјава издадена од дипломатската служба на ЕУ се вели дека неодамна договорените документи во Вашингтон, склучени врз основа на претходно преземените обврски во дијалогот под покровителство на ЕУ, „може да бидат корисен придонес за постигнување сеопфатен, правно обврзувачки договор за нормализирање на односите“ меѓу Косово и Србија.