СТАРТ НА КАМПАЊАТА: До ДИК пристигнаа протоколите, членовите на им бараат поголема заштита

29

Изборната кампања почнува денеска, а надлежните ги прават сите подготовки за денот на изборите да помине во безбедни услови, со одредени протоколи и мерки за заштита на здравјето и на оние граѓани кои ќе гласаат, но и на членовите на избирачките места кои ќе бидат ангажирани.

Сепак, дел од нив уплашени за своето здравје, за Фактор велат дека би требало да се направи многу повеќе од аспект на заштита од корона вирусот, бидејќи најголемиот дел од тој ден ќе го минат во затворена просторија, и ќе бидат во близок контакт со најразлични луѓе, односно со гласачите.

-Ги знаеме мерките и протоколите за денот на изборите, сето тоа е во ред. Но, истовремено сметаме дека само заштитна маска, ракавици, отворени прозорци во просториите не се доволни. Сметаме дека би било многу подобро изборниот ден да се одржи на отворено, па така ние самите прво би биле на поголемо растојание, а за да бидеме сигури дека не сме заразени, би било најдобро да бидеме тестирани и во разумен рок пред изборите ги добиеме резултатите од ковид-тестовите. На тој начин би избегнале содавање на нови кластери на заразени граѓани во Македонија, велат соговорниците на Фактор, вработени во администрацијата, а кои се ангажирани како претседатели, заменици претседатели и членови на избирачките места.

Тие како пример ја посочуваат соседна Србија, која веднаш по изборите почна да пријавува се поголем број на новозаразени, а истовремено отвора и нови Ковид-центри. Во однос на оваа нивна реакција, од Комисијата за заразни болести велат дека и до сега се послушани барањата за безбедни услови во текот на изборниот ден со речиси никаков ризик за заболување и секако и понатаму се отворени за соработка и за изнаоѓање решенија, но да се прави масовен скрининг, ниту има време, ниту пак е возможно да се истестираат толку многу луѓе.

Со ова се согласуваат и од Државната изборна комисија, од каде истакнуваат дека никако не би можело да се направи тестирање на 35.000 луѓе кои ќе бидат ангажирани во целиот изборен процес, па и на самиот изборен ден.

-Еве, токму во моментов сме на терен, се обидуваме да најдеме поголеми простории каде ќе се гласа, се со цел да ги запазиме мерките и здравствените протоколи. Министерството за здравство најави дека ќе ја дополни и листата на хроничните болести, па согласно законот, оние членови на избирачките места кои се хронични болни ќе може да бараат иземање и тие нема да бидат ангажирани во изборниот процес, но се разбира откако претходно ќе ја приложат целата документација за својата болест, вели за Фактор, претседателот на ДИК, Оливер Денковски.

Инаку, на последната седница Владата донесе измени и дополнувања на Уредбата со законска сила за прашања поврзани со изборите на 15 јули 2020 година со дополнителен Член 5-а со кој се утврдува дека доколку не се исполнети просторните услови на просторијата во која е сместено гласачкото место или просторијата каде што треба да се спроведува гласањето, Државната изборна комисија може да определи друг соодветен простор кој ги исполнува условите за спроведување на гласањето.

Во текот на вчерашниот ден, пак, до ДИК пристигнаа здравствените протоколи во кои се наведува:

Препорака е да се избегнува допирање на очите, носот и устата. При кашлање и/или кивање да се покрие устата со марамче кое потоа треба да се фрли во канта за отпадоци. Се препорачува често дезинфинцирање на допрените предмети површини, одржување на лична хигиена и често миење на рацете со сапун и вода и употреба на средства за дезинфекција на рацете.

Препорачливо е да се носи маска за да се заштитите себе си од другите во ваша близина или пак, да ги затштитите другите од вас.

Комисијата за заразни болести препорачува задолжително почитување на Здравствениот протокол за спроведување на предвремените парламентарни избори, како и на сите мерки по препораки од Владата и Комисијата во функиција на спречување и ширење на корона вирусот – Ковид 19.