Стивен Кинг го избриша „Фејсбук“ и ги предупреди другите корисници

9

Стивен Кинг го избриша својот налог на „Фејсбук“ и изрази загриженост поради ширењето на лажни и непроверени информации односно нарушувањето на привстноста на оваа социјална мрежа.

„Заминувам од ‘Фејсбук’“, напиша познатиот писател на „Твитер“ во петокот.

„Не сум задоволен со напливот на лажни информации во рамки на политичкото рекламирање на оваа социјална мрежа и не сум убеден дека мојата приватност е добро заштитена. Ако сакате, можете да продолжите со мене на ‘Твитер’.”

Неговиот профил на „Фејсбук“ подоцна навистина беше избришан, јави Си-ен-ен.

Кинг, писател кој има напишано повеќе од 50 книги, е најпознат по своите дела во жанровите хорор и фантазија, од кои многу се адаптирани во филмови и телевизиски серии.

Но, 72-годишникот е исто така политички активен и зборува многу отворено за неговите ставови во врска со американскиот претседател Доналд Трамп.

„Фејсбук“ им овозможува на корисниците да објавуваат реклами и да таргетираат специфични групи на други корисници. Некои веруваат дека ваквите реклами од политички вид можат да го поткопаат дискурсот во јавноста.

„Твитер“, од друга страна, во октомври објави дека ќе престане да објавува политички реклами.