Столтенберг: Потребно е политичко решение за кризата во Сирија

23

Операцијата на режимот на Башар ал-Асад и Русија ја влошија ситуацијата на сирискиот народ. Кризата на границата меѓу Турција и Грција е резултат на конфликтот во Сирија, но треба да се позанимаваме со коренот на проблемот и да најдеме политичко решение за ситуацијата во Сирија, порача во Загреб генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг по разговорите со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ.

Тој оцени дека кризата во Сирија има последици врз сите членки на НАТО, вклучително и САД.

„Го осудуваме користењето на сила од страна на Русија и режимот на Асад и тоа го оценуваме како прекршување на меѓународното право. Сакаме режимот во Дамаск да го почитува меѓународното право, да ја запре офанзивата и да се вклучи во конструктивни разговори со останатите сириски лидери, за да најдеме политичко решение за кризата во Сирија“, порача Столтенберг.

Тој не го коментираше посебно ангажманот на Турција во Сирија како членка на НАТО.

По наглото повлекување на НАТО од Авганистан, откако на крајот на февруари беше постигнат договор со Талибанците, би можело да испрати погрешна порака, смета генералниот секретар на НАТО. Важно е Талибанците да го исполнат она на што се обврзаа и да се оневозможи Авганистан на стане база за меѓународен тероризам, вели Столтенберг.

Хрватскиот премиер Пленковиќ најави дека Хрватска својот следен контингент војници ќе го испрати во полн состав од 108 војници, а оти потоа ќе го намалува во договор со сојузниците, но не линеарно, туку на начин на кој силите кои ќе останат ќе бидат во состојба да ги извршат сите потребни функции.

На новинарско прашање, Столтенберг зборуваше и за принципиелната позиција на НАТО.

„Соочени сме со бројни закани и предизвици и не можеме да бираме меѓу еден и друг проблем. На сето тоа треба да се фокусираме. Се бориме против организираниот тероризам и затоа сме присутни во Ирак и Авганистан. Милитантната организација Исламска држава не смее да се повтори. Важно е да се осигура дека нема да биде воспоставен калифат во Авганистан. НАТО реагираше и на руските активности во Грузија и Украина, каде го анектираа Крим“, рече Столтенберг.

Тој оцени дека НАТО и натаму е посветен на безбедноста во регионот на југоисточна Европа каде, како што рече, Хрватска игра клучна улога.

„Вие сте шампион на политика на отворени врати на НАТО. Изразуваме поддршка на пристапувањето на Северна Македонија и се радувам на тоа што во наредните недели Северна Македонија ќе стане 30-та членка на НАТО“, рече Столтенберг.