Студентите од Македонија ќе можат да влезат во Бугарија без ПЦР тест

28

СОФИЈА – Учениците и студентите од Северна Македонија кои студираат во Бугарија сега ќе можат да влезат во земјата без задолжителниот негативен тест на Ковид-19.

Од 17 февруари, здравствените власти го укинаа условот за ПЦР-тест за студенти кои патуваат во Бугарија секој ден или барем еднаш неделно за да посетуваат настава.

Истата мерка ќе се однесува на граѓаните на Грција, Турција, Србија и Романија кои студираат во Бугарија.

На 4 февруари, Бугарија воведе барање да се достави ПЦР тест за влез во земјата, во обид да се ограничи ширењето на епидемијата на корона вирусот, што ќе трае до 30 април. Бугарските граѓани кои пристигнуваат од странство и кои не сакаат да бидат тестирани, мора да бидат ставени во карантин 10 дена.

И покрај ограничувањата за оние кои доаѓаат од странство, новите случаи на инфекција продолжуваат да се зголемуваат. Веќе има над 3.500 пациенти во болниците во Бугарија, во споредба со помалку од 3.000 пред 10 дена. Учеството на позитивни тестови за ковид исто така се зголемува, бидејќи тие се веќе 11% од сите земени примероци.

Најлоша е состојбата во Ќустендил, каде повеќе од 350 на 100.000 луѓе се веќе болни.

Во исто време, организациските проблеми ја забавуваат вакцинацијата. Според информациите од Регионалниот здравствен инспекторат во Ќустендил, дневно се вакцинираат околу 25 лица. Само 900 лица се вакцинирани од декември досега. Наставниците чекаа да бидат вакцинирани речиси еден месец, но досега не е најдено некој да им инокулира вакцина. Првично, властите се потпираа на работата на матичните лекари, но тие беа одговорни за грижата за своите пациенти и немаа време да вакцинираат големи групи луѓе. Владата сега планира да отвори 318 центри за вакцинација во болници и клиники низ Бугарија за да им се олесни на матичните лекари и да се забрза најбавната вакцинација во ЕУ.

Досега во Бугарија само 23.323 лица примиле две дози вакцини од „БиоНТех/Фајзер“, „Модерна“ и „АсстраЗенека“, кои се испорачуваат во земјата. Првата доза на вакцината ја примиле 56.113 Бугари. Во просек, околу 2.600 луѓе се вакцинираат дневно во Бугарија, но стапките се нееднакви и за време на викендите се под 100.

Вакцинацијата на луѓе во домовите за стари лица и наставниците во моментов е во тек и започна имунизацијата на полицијата, армијата, администрацијата и во енергетика. Сè уште не е јасно кога ќе започне вакцинирањето на најризичните и најбројната група луѓе над 65 години. Властите дадоа спротивставени прогнози кои се движат од крајот на февруари до почетокот на април. Нема календар за почеток на масовната вакцинација на населението.

Владата порача над 13 милиони дози вакцини преку шест договори на ЕУ со шест производители. 500.000 дози се очекува да пристигнат во март.