Студентите од шеста година на медицинскиот факултет од денес ќе волонтираат во Ковид-центрите

30

Студентите кои се во шеста година студии на Медицинскиот факултет во Скопје, заедно со лекарите и медицинските сестри од Воениот медицински центар (ВМЦ) од денес почнаа да волонтираат во Ковид-центрите во Скопје. Од Армијата се вклучени 32 медицински лица, а првата група на лекари и медицински сестри веќе е вклучена во сменската работа и во дежурствата.

Студентите од шеста година ќе бидат распределени во Ковид-центрите каде ќе работат под менторство на лекари-специјалисти. Студентите од октомври, исто така, беа ангажирани за помош на епидемиолозите во Центрите за јавно здравје за правење на епидемиолошките анкети.

Министерот за здравство Венко Филипче утрово се сретнал со нив, и како што вели Министерството за здравство, им рекол дека помошта е многу значајна во овој период, а од друга страна ќе стекнат искуство за „какво што можеби нема да имате прилика да го видите во вашата кариера како лекари“. Тој на 13 ноември во Гостивар најави дека се разгледува и можноста да волонтираат средношколци од средното медицинско училиште како дополнителна помош на медицинскиот персонал.