Студија: Вакцината на АстраЗенека спречува пренос на коронавирусот

18

Во последно време сѐ погласни беа сомнежите во ефикасноста на вакцината на АстраЗенека. Британска студија сега покажува: веќе по првата примена доза се намалува опасноста од пренесување на вирусот.

Од студијата објавена од Универзитетот Оксфорд, произлегува дека вакцината на АстраЗенекаод една страна го штити оној кој ја примил од заболување од коронавирус, а од друга страна ја намалува можноста за пренос на инфекцијата на други лица.

Примената прва доза од вакцината на АстраЗенека обезбедува 76 % заштита од инфицирање со коронавирус, стои во студијата, а заштитата трае три месеци. По примањето на втората доза по 90 дена, ефикасноста се зголемува на 82%. Ризикот вакцинираниот да го пренесе вирусот на друг уште по првата примена доза се намалува за 67 %.

„Тоа на светот му покажува дека вакцината од Оксфорд добро дејствува“, изјави британскиот министер за здравство Мет Ханкок, оценувајќи ги резултатите од студијата за добри новости.

Со тоа што заеднички развиената вакцина на АстраЗенека и Универзитетот Оксфорд за две третини ја намалува преносливоста на коронавирусот на други лица, се поткрепува стратегијата на британската влада во борбата против болеста. Имено, одложувањето на давањето втора доза на три месеци за да може што повеќе луѓе да бидат вакцинирани со првата доза.

Во последно време во Германија и во Франција се изразени сомнежи во делотворноста на вакцината на АстраЗенека кај постарите лица, посебно над 65 години. Британската влада пак се труди побрзо да вакцинира што е можно поголеми делови од населението против Ковид-19. Во меѓувреме со кампањата за вакцинација веќе се опфатени десет милиони луѓе. Велика Британија е посебно силно погодена од пандемијата, во земјата се регистрирани 3,8 милиони заразени и преку 108.000 смртни случаи.