Студија: Заштитата од вакцините „Фајзер“ и „Астра Зенека“ се намалува во однос на делта сојот во рок од 3 месеци

25

Една здравствена студија во Велика Британија покажа дека заштитата што ја обезбедуваат вакцините „Фајзер“ и „Астра Зенека“ се намалува против доминантниот делта сој на коронавирусот во рок од три месеци.

Студија на Универзитетот во Оксфорд, базирана на повеќе од три милиони примероци земени од носот и грлото на жители од цела Британија, покажа дека 90 дена по втората доза на вакцина „Фајзер“ или „Астра Зенека“, нивната ефикасност во спречувањето на инфекцијата се намалува на 75 односно на 61 процент.

Во двонеделниот период по втората доза, овие проценти се движат околу 85 односно 68 проценти. Намалувањето на ефикасноста е поизразено кај луѓе на возраст од 35 години и постари, отколку кај помладите луѓе.

„Но, важно е да се каже дека овие две вакцини во две дози се уште се многу добри против делта сојот“,

вели Сара Вокер, професорка по медицинска статистика во Оксфорд и предводник на истражувањето за вакцината „Фајзер“.
Научниците не можеа да предвидат колку заштитата дополнително ќе ослабне со текот на времето, но сугерираат дека ефективноста на двете вакцини кои се предмет на истражувањето ќе се изедначи во рок од четири до пет месеци.

„Фајзер/Бионтек“ и „Модерна“ во меѓувреме објавија дека нивните вакцини со две дози даваат заштита од најмалку шест месеци и дека дека доставиле првични податоци до Американската ФДА за поддршка на употребата на засилувачка доза за нивните вакцини против ковид-19.

Си-ен-ен повикувајќи се на два извора запознаени со ова прашање, вчера објави дека највисоките здравствени службеници во администрацијата на Бајден сеповеќе се согласни дека повеќето Американци треба да добијат трета доза вакцина потив ковид, или тнр. засилувач, осум месеци по втората доза.