Судењето за импичмент на Трамп во Сенатот со сменети правила

15

Историското судење за импичмент на републиканскиот претседател Доналд Трамп почна во Сенатот со кавги меѓу Републиканците и Демократите околу процедурата на целиот процес. Претходно нагло беа сменети предложените правила за судењето за импичмент.

Историскиот судски процес за импичмент на американскиот претседател Доналд Трамп беше отворен со препукувања, откако демократите налутено ги обвинија републиканците во Сенатот дека сакаат да го прикријат случајот без сведоци или нови докази.

Со оглед на тоа што Трамп се соочи со потенцијално отстранување од должноста поради злоупотреба на службената должност, неговиот близок сојузник Мич Меконел, лидер на републиканското мнозинство во Сенатот изнесеправила со кои би се блокирало доведувањето клучни сведоци или документи, потенцијално осакатувајќи ги аргументите на обвинителите, односно демократите во Конгресот.

Со солидно мнозинство од 53 спрема 47, Меконел исто така, јасно стави до знаење дека ќе ги блокира сите демократски обиди за промена на неговите правила.

Адам Шиф, лидерот на тимот за импичмент на Претставничкиот дом, кој го гони Трамп, се спротивстави на тоа, наведувајќи дека процесот „нема смисла“ и оти бил дизајниран да обезбеди да не бидат слушнати никакви докази против Трамп.

„Фактите ќе излезат на крајот. Документите, што ги крие претседателот, ќе бидат објавени преку Законот за слобода на информации или преку други средства со текот на времето. Сведоците ќе ги раскажат своите приказни во книги и филмови. Вистината ќе излезе Прашањето е: Дали ќе излезе на време? “.

Според Шиф, правилата на Меконел имаат за цел случајот „да заврши што побрзо и оти затоа повеќето Американци не веруваат дека ќе има фер судење“.

Патрик Филбин, член на правниот тим на Доналд Трамп пак во Сенатот изјави:

„Фер процес би било кога ќе дојдете на денот на судењето, да бидете подготвени да го започнете судењето и да го презентирате вашиот случај, а не да се бара да биде откриено повеќе“.

Во написите за импичмент се наведува дека Трамп се обидел да изврши притисок врз Украина да се меша во изборите во 2020 година за да му помогне да победи, а потоа да ја спречил истрагата, блокирајќи сведоци и недавајќи документи до Претставничкиот дом.

Процесот на импичмент длабоко ги подели Американците, особено околу тоа дали претседателот треба да биде сменет од должноста, 10 месеци пред претседателските избори.

Трамп во вторникот во Давос, Швајцарија на Светскиот економски форум ја повтори својата долгогодишна карактеризација на импичментот како „измама и лов на вештерки“.

Ова е трет случај во американската историја претседателот на државата да се соочува со можно отповикување.