Судењето за „Монструм“ одложено за во август

7

Судењето за случајот „Монструм” ќе продолжи на 26 август, откако денешното рочиште е одложено поради најавено отуство на надлежниот јавен обвинител.

„Заради интерес на медиумите и невладините организации кои ја следат расправата за предметот со КОК бр. 66/17 во јавноста познат како „Монструм”, ја информираме јавноста дека заради најавено отсуство на надлежниот обвинител, расправата насрочена за 06.07.2020 година се одлага. Следната главна расправа е насрочена за 26.08.2020 година во 10:00 часот за што веќе се известени странките во постапката“, информираат од Основниот кривичен суд Скопје.

Случајот „Монструм” се однесува за петкратното убиство на момчињата и рибарот кај Смилковското Езеро во 2012 година. Во претходна постапка за случајот на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута. Врховниот суд пред три години ги укина пресудите и ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири и им определи мерки на претпазливост. По укинувањето, случајот „Монструм” го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење.