Судијата нареди стражарно да се спроведе Обвинетиот Тони Трајковски за утрешното судење

19

Поранешниот градоначалник на Гази Баба Тони Трајковски, третообвинет во „ТНТ“, не дојде на денешното судење ниту по паузата, по што судијата Огнен Ставрев го одложи судењето и нареди Трајковски да биде стражарно спроведен со полиција за утрешното рочиште.

„Обвинетиот Тони Трајковски бил отпуштен во општа здравствена состојба“, кажа судијата, читајќи го документот добиен од здравствената установа каде Трајковски бил примен.

Обвинетиот Трајковски пријавил во МВР дека ноќеска бил претепан од непознати лица. Настанот наводно се случил синоќа по прошетката со поранешниот скопски градоначалник Коце Трајановски во Гази Баба.

Судијата Огнен Ставрев се брза да го заврши процесот, бидејќи на две поротнички им истекува мандатот и судењето ќе треба да почне одново.

Во „ТНТ“, првообвинет е избеганиот во Унгарија Никола Груевски, кој нареди да му биде уништен со експлозив објектот „Космос“ на Цаноски, затоа што во 2011 година ја прекина коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ. Потоа, Миле Јанакиески како координатор на целата акција на незаконското уривање, ексградоначалникот на Гази Баба Тони Трајковски како логистика и други обвинети од општината.