Судијката Димишкова дала исказ во обвинителството, новинарите не ја „уловија”

11

Со саати новинарските екипи околу зградата на Апелацискиот суд, во која е сместено и Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, ја чекаа судијката Весна Димишкова да излезе од обвинителството.

Таа утрово околу еден час пред закажаниот термин – 10 часот, пристигнала да даде исказ за, спред неофицијални информации, случајот Рекет. Не е познато во кое својство е повикана. Според информации на Плус Инфо таа со давањето исказ завршила нешто пред 12 часот, но и до 15.30 часот попладне новинарските екипи кои беа распоредени кај трите влеза на зградата не ја забележаа да го напушти обвинителството.

Димишкова е судијка на претходна постапка во Основниот кривичен суд во Скопје, а нејзиното име се споменува во снимките за Рекет кои ги објави италијанскиот весник Ла Верита од разговор меѓу сега обвинетиот Бојан Јовановски и бизнисменот Орце Камчев.

Инаку, таа е судијката која на ексшефицата на СЈО и ја одобри наредбата за претрес во УБК, како и за во станот на Коста Крпач.