Судот ги замрзна трите стана во „Панорама“ кои се чувале за Груевски

3

Од денеска се замрзнати трите луксузни стана во „Панорама“, на Водно, кои наводно се чувале за екс премиерот Никола Груевски. Оваа одлука ја донесе Кривичниот суд по барање на обвинителката Лиле Стефанова, која е застапник на обвинението во случајот „Плацевите на Водно“.

Становите, со вкупна површина од 750 метри квадратни, на хартија се на фирмата „ССИ Инвестмент“, но според Орце Камчев и неговиот зет Мето Стојчевски, тие се чувале за Груевски, а за замена за плацевите на Водно.

Овие плацеви пак се на име на сопругата на бизнисменот Сергеј Самсоненко, кој сега бара нивно одмрзнување. Од Кривичниот суд за „Фокус“ појаснуваат дека ова барање допрва ќе се разгледа, и дека ќе се одлучи откако најпрвин ќе добијат став од Обвинителството.

Завршните зборови за овој случај се закажани за 12 април, по што ќе биде објавена пресудата.