Сѐ повеќе земји повторно воведуваат мерки поради делта-сојот на коронавирусот

3

САД ги предупредија своите граѓани да не патуваат во одреден број африкански земји и ОАЕ, додека Португалија, Шпанија и Хонг Конг воведуваат нови ограничувања за патниците од Велика Британија поради ширењето на новиот делта (индиски) сој на коронавирусот.

Хонг Конг ќе ги забрани летовите од Велика Британија, каде што е регистрирана делта-варијанта во скоро 95% од случаите на ковид.

Според универзитетот Џонс Хопкинс, Велика Британија бележи повеќе од 14.000 новозаразени на ден. Во исто време, мерките беа релаксирани затоа што 48% од населението е целосно вакцинирано.

Стејт департментот го подигна нивото на предупредувања за ОАЕ, Либерија, Уганда, Мозамбик и Замбија и препорача Американците да не патуваат таму поради ширењето на инфекцијата.

Зголемен број пациенти се забележани и во Јужноафриканската Република. Во неделата беа регистрирани 15 илјади новозаразени и 122 мртви, а надлежните велат дека делта-сојот е одговорен за новиот бран.

Поради зголемувањето на бројот на пациентите, повторно се забрануваат јавни собири, како и продажба на алкохол, а во сила е и полициски час.

Според податоците на Џонс Хопкинс, повеќе од 181 милион луѓе биле заразени на глобално ниво. Соединетите Држави сè уште водат со 33,6 милиони, следени од Индија со над 30 и Бразил со повеќе од 18 милиони заразени.

Сиднеј во моментов е во режим на затворање бидејќи бројот на заразени расте.

Сепак, двајца мажи ги прекршиле ограничувањата и претрпеле повеќекратни последици. Според агенцијата АФП, пар нудисти излегле да се сончаат, кога почнал да ги бркал елен и морале да ги повикаат надлежните на помош.

Двајцата мажи платиле казна од 760 долари за прекршување на правилата.