Сè зависи од тоа каде сте го фатиле вирусот, велат врвни специјалисти од Русија и САД

23

Некои научници веруваат дека коронавирусот, кој веќе уби илјадници низ целиот свет, може да е пандемија. Медицински експерти од САД и од Русија зборуваат за Раша тудеј за предизвиците со спречувањето ширење на вирусот и шансите за преживување на болеста.

Новиот коронавирус, кој потекнува од Кина, веќе долго време се шири преку нејзините граници, заразувајќи илјадници во Јужна Кореја, Иран и Италија. Се чини дека понекогаш драстичните мерки преземени од кинеската и другите влади да го спречат ширењето на смртоносната болест беа само делумно успешни.

Значи, со што точно се соочуваме? И дали треба да се подготвиме за најлошото?

Што е новиот коронавирус?

Всушност, застрашувачкиот вирус што загрижи милиони луѓе низ целиот свет не е ниту нов, ниту уникатен. Голем број од големото семејство коронавируси коегзистираат со луѓето без да создаваат проблеми.

„Ние знаеме за најмалку 40 коронавируси“, вели Михаел Фаворов, светски познат епидемиолог и експерт на Центарот за контрола и превенција на болести на САД (ЦДЦ).

Луѓето може да заболат од десетици од нив, а повеќето „предизвикуваат само минимални симптоми и не претставуваат закана“, затоа што се приспособени на човечкото тело и луѓето имаат развиено имунитет, вели специјалистот, кој работел и како заменик-генерален директор на Транснационалниот истражувачки оддел на Меѓународниот институт за вакцини основан од ООН. Проблемот со новиот коронавирус е во тоа што тој неодамна им беше пренесен на луѓето од еден друг вид – најверојатно од лилјакот.

Кога самите лилјаци, кои служат како природен резервоар за вирусот, имаат епидемија, нивните вируси развиваат милијарди форми, од кои една би можела да се пренесе на друг вид суштества, објасни Фаворов. И тоа е она што најверојатно се случило во Вухан, каде што првпат е откриена новата болест.

Таквиот вирус не е приспособен на човечкото тело и може комплетно да ги „уништи“ клетките на домаќинот, што доведува до потешка форма на болест и последици потенцијално опасни по живот, предупредува експертот од ЦДЦ. Сепак, вирусот се приспособува и оние што ќе се заразат подоцна може да развијат помалку сериозни симптоми.

Кој е во најголем ризик?

Иако секој може да биде заразен, постарите луѓе имаат тенденција повеќе да страдаат од неговите ефекти. Додека потврдените случаи кај деца досега се ретки, тие рапидно се зголемуваат кај луѓето над 20 години. Смртта е почеста кај пациенти на возраст од 50 години или повеќе, рече аналитичарот.

Фаворов објаснува дека вирусот имитира еден корисен протеин што го консумираат човечките клетки. Се чини дека на клетките на постарите организми оваа „корисна“ супстанција им треба во многу поголеми количества и поради тоа тие поактивно се спојуваат со вирусот.

„Нивото на изложеност е важно“, рече тој. „Во секојдневниот живот, обично не сме изложени на толку голем број вируси“, додава тој, укажувајќи на фактот дека бројот на потврдените случаи на коронавирус е особено голем кај медицинските специјалисти, кои секојдневно доаѓаат во контакт со разни болести.

„Лекарите спаѓаат во посебна група на ризици“.

Што може да му се случи на лице заразено со ковид-19?

Она што го прави коронавирусот опасен е дека ако едно заразено лице развие акутна пневмонија, може да биде доста тешко да се лекува. „Болеста има четири фази“, објаснува Александар Чучалин, врвен руски пулмолог и член на Руската академија на науките.

„Првата фаза изгледа како релативно безопасна настинка и трае помеѓу седум и девет дена“, вели тој за РТ. За многу луѓе, инфекцијата со коронавирус може да се сведе само на овие лесни симптоми, но други би можеле да развијат вирусна и бактериска пневмонија ако болеста ги наруши имунитетните бариери и се пробие во една претходно стерилна средина како што се белите дробови.

Доколку медицинските лица не успеат да ја спречат болеста во оваа втора фаза, таа може дополнително да развие акутен респираторен синдром – состојба опасна по живот, која може да се лекува само со помош на апарат за вештачко дишење. Дури и ако пациентите ја преживеат оваа фаза, тие може да завршат со до толку уништен имунолошки систем што може да ги убие некоја друга болест на белите дробови.

„Половина од фаталните случаи на коронавирус се луѓе што долго биле на вештачко дишење и нивните алвеоли на крај се заразиле со габички“, рече Чучалин. Пулмологот исто така предупреди дека сè уште нема ефикасен третман против самиот коронавирус, додека стандардниот антимикробен третман може да биде неефикасен во случај на пневмонија предизвикана од овој вирус.

„Исто така, ќе бидат потребни имунолошки стимуланси. Сепак, сè уште е нејасно кои точно треба да ги користиме“, рече тој.

Ваквата состојба ги зголемува потенцијалните ризици за лицата со хронични респираторни и белодробни заболувања, како што се булозниот емфизем без оглед на нивната возраст, како и за оние што страдаат од дијабетес или карцином.

Дали е најсмртоносен од сите вируси?

Вирусот веќе уби речиси 4.000 луѓе додека инфицира повеќе од 100.000 во светот, покажувајќи стапка на смртност од 3,5 проценти. За споредба, обичниот грип има стапка на смртност од околу 0,5 проценти. Сепак, со оглед на тоа што грипот е многу заразен, тој уби повеќе луѓе отколку коронавирусот во ист временски период, ако се гледа во апсолутни бројки. На пример, само во САД, грипот оваа година уби дури 18.000 луѓе, според ЦДЦ.

Исто така, сè зависи и од конкретниот поттип на вирусот со кој ќе се зарази некое лице.

„Сè зависи од тоа каде сте го фатиле вирусот“, објаснува Фаворов. Лекарите посочија на фактот дека стапката на смртност од коронавирусот е различна во различни земји. „Во Јужна Кореја е 0,5 проценти, додека во Италија е околу три проценти. Тоа значи дека некој локален ‘прв пациент’ го фатил вирусот во Кина кога сè уште не бил адаптиран на луѓето“.

Всушност, според податоците што ги даде Европскиот центар за контрола и превенција на болести, стапката на смртност на коронавирусот во Италија во моментов изнесува околу 3,9 проценти, што е дури и малку повисоко отколку во самата Кина, каде што е 3,8 проценти. Таквите бројки може да бидат извор на загриженост за Европа.

Дали треба да брзаме да се тестираме пред да добиеме симптоми?

За жал, тестирањето за коронавирус однапред е главно бесмислено, вели Фаворов, затоа што постојните тестови развиени во различни земји се неефикасни бидејќи на научниците едноставно им недостига биолошки материјал за да развијат поточни алгоритми.

„Ќе имаме доволно материјал само за шест месеци“, вели тој, предупредувајќи дека тековните тестови може да не успеат да го детектираат вирусот во човековиот организам и дури може да сугерираат дека некое лице е заразено кога не е.

„Тестирањето има поента само кај оние што покажуваат клинички симптоми.“