Тадиќ: Одвратна претстава на Ѓукановиќ и Вучиќ, ова е популистичка пропаганда од гебелсовата ера

9

Во односите меѓу Србија и Црна Гора се случува договор меѓу Мило Ѓукановиќ и Александар Вучиќ, како што се случува и договор меѓу Вучиќ и Колинда Грабар Китаровиќ и сите останати популисти во регионот, каде во воспоставувањето на односите меѓу државите и народите тие се поддржуваат едни со други и се подготвуваат за избори, оцени поранешниот претседател на Србија Борис Тадиќ.

„Треба сите граѓани да знаат дека следат избори и во Црна Гора, и во Србија и во Хрватска и дека тоа сега се подготвува“, кажа Тадиќ за телевизијата Н1.

Според него, ефектот на актуелните тензии е фокусиран на парламентарните избори.

Тој наведе дека секој од популистите во регионот токму во договорените напади со популистичкиот колега од другата страна на границата си го крева рејтингот на изборите.

„Од друга страна во Црна Гора станува збор за повеќегодишен обид за изградба на црногорски идентитет, кој се одалечува од српскиот идентитет, што е бесмислено, како што е бесмислено и негирањето на црногорскиот идентитет. Тука сите имаа корист, тие ќарија и од она што го доведе во прашање интегритетот и популацијата и семејствата во Црна Гора – тоа е патолошки опасен процес, кој го наметна власта во Црна Гора, но имаше и свои поддржувачи во Томислав Николиќ и Александар Вучиќ кои се фалеа дека го кренале нивото на односите со Црна Гора, а еве каде стигнавме“, додаде Тадиќ.

Поранешниот претседател на Србија порача дека сѐ додека односите меѓу нациите зависат од двајца луѓе, „такви манипулатори“, популисти, тогаш граѓаните доаѓаат во многу тешка ситуација и односите меѓу народите доаѓаат во прашање.

„Денес политички накази, нарцисоидни, насекаде низ светот доаѓаат на власт и се фалат со надприродни способности, како тоа дека немаат потреба да спијат, како и Грабар Китаровиќ, така и Вучиќ, кој постојано само работи… Тоа се лажговци на сите срани, кои водат експеримент со народите, а кој покажува колку достоинството на нацијата може да се спушти. А последиците ќе бидат катастрофални за сите, бидејќи ги довеле во ситуација под секое достоинство“, кажа Тадиќ.

Не е важно дали Вучиќ ќе ја посети Црна Гора, додаде тој, „бидејќи сѐ е најлоша популистичка пропаганда, како од гебелсовиот период“.

„Граѓаните не треба да бидат наивни и да наседнуваат на лажен патриотизам. Лажните патриоти се крадци, и затоа можето предупредување до граѓаните е да не наседнуваат на Вучиќ и Ѓукановиќ и популистите од Хрватска. Секогаш овој простор ќе биде легло за таков вид политичари“, кажа поранешниот претседател на Србија.