Таргет Тврдина: Денеска се носи пресуда за Мијалков, Јанкулоска и уште десет вработени во УБК

24

Денеска Основниот кривичен суд ќе ја соопшти пресудата за предметот познат под името „Таргет Тврдина“, кој се однесува за нелегалното прислушување во која обвинети се 12 лица.

За скандалот со прислушувањето обвинети се 12 лица, меѓу кои и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, и уште десет други вработени во УБК.

Обвинетите Горан Грујевски и Никола Бошкоски, избегаа во Грција, која, пак, одби да ги екстрадира во Македонија врз основа на амнестијата на преседателот Ѓорге Иванов. Ним им се суди во отсуство.

Во случајот веќе има и пресуда. Една од обвинетите призна вина како помагач уште пред да почне судењето и беше осудена на условна казна затвор.

Изминатиот викенд вистинска „драма“ се одвиваше околу Сашо Мијалков. Него полицијата не го најде на куќната адреса за да му врачи решение за куќен притвор, за да биде обезбеден на пресудата денеска. Па така почна потрага по него, а беа издадени и национална и меѓународна потерница.

Одненадеш Мијалков во вторникот во попладневните часови се појави пред обвинителството каде замина да го подигне решението за куќен притвор. Се „правдаше“ дека бил изолиран и имал симптоми на коронавирус со висока температура. Заев, пак, рече дека Мијалков бил притиснат да се појави во обвинителството.

Имаше и „препукувања“ меѓу опозицијата и власта во врска со случајот. Токму пресудата од овој случај ќе покаже многу работи за „исчезнувањето“ на Мијалков на два дена.

Share