Тачи денес за првпат пред судот во Хаг

37

Хашим Тачи денес во 15 часот за првпат ќе се појави пред судија за претходна постапка во Хаг. Еден од основачите и главните луѓе во паравоената формација УЧК ќе се појави за запознавање со обвинението и за изјаснување за вината.

На Тачи ќе му биде прочитано обвинението во кое заедно со Кадри Весељи, Јакуп Красниќи и Реџеп Сељими се товари за разни видови кривична одговорност за воени злосторства и злосторства против човештвото, по што судијата ќе го повика да се изјасни за вината по обвиненијата со кои се товари.

Тој може веднаш да се изјасни за вината или во рок од 30 дена, на ново рочиште.

Тачи сам се предаде во четвртокот на 5 ноември, откако поднесе оставка на функцијата претседател на Косово.

Пред Специјализираните совети во Хаг, познати како суд за злосторствата на УЧК, ќе одговара и по командна и по индивидуална кривична одговорност за злосторствата кои УЧК ги извршила на Косово и северот на Албанија во тој период, опфатен во обвинението на обвинителот Џек Смит, од март 1998 до септември 1999 година.

Заедно со тогашните, како што ги нарекува обвинителот, припадници на Генералниот штаб на УЧК, Кадри Весељи, Реџеп Сељими и Јакуп Красниќи, Тачи е обвинет за „здружен злосторнички потфат“, во кој учествувале и други припадници на УЧК и политички заговорници на самостојноста на Косово од Србија.

Тачи бил политички комесар и командант, Весељи шеф на разузнавачката служба, Сељими главен оперативец, а Красниќи заменик командант и портпарол.

Обвинителот смета дека припадниците на тој здружен злосторнички потфат имале цел стекнување и вршење контрола врз цело Косово за што лично или преку подредените користеле незаконско застрашување, малтретирање, вршење насилства и ликвидирање на оние кои ги сметале за противници.