Тачи изјави дека не е виновен за воени злосторства

23

За време на неговото прво појавување пред ССК, поранешниот водач на ОВК и сегашен политичар, Хашим Тачи, ги отфрли обвиненијата за воени злосторства против него.

„Ги прочитав и не се согласувам со ниту едно“, рече Тачи, кој минатата недела поднесе оставка на функцијата претседател, пред да биде префрлен во Хаг.

„Обвинението е целосно неосновано и изјавувам дека не сум виновен“, додаде тој.

Бранителот на Тачи, Дејвид Хупер, пред судот истакна дека тимот на одбраната доцна го добил известувањето за обвинението.

Тој додаде дека обвинувањата за трговија со органи содржани во извештајот на специјалниот известувач на Советот на Европа, Дик Марти, кои доведоа до формирање на таканаречениот Специјален суд, не се во обвинението.

„Ништо во ова обвинение не се кажува за земањето на органи … тој (Тачи) знаеше дека обвинувањата се бесмислица и тој помогна да се формира овој суд“, додаде Хупер, алудирајќи на процесот на формирање на судот во согласност со законите на Косово, што Тачи јавно го поддржа.

„Наместо тоа, имаме колекција на инциденти, од кои за голем дел веќе се одржаа судења пред Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија или пред локалните судови на Косово“, нагласи тој.

Обвинителот, Алан Тигер, познат по тоа што беше застапник на обвинителството во постапката против Радован Караџиќ пред Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија, истакна дека наместо да се фокусира на она што не е во обвинението, неговиот тим ќе се фокусира на доказите што ги поткрепуваат обвинувањата.

„Обвинението содржи извештаи за десетици жртви и тоа ќе го претставиме за време на судењето“, рече тој.

Тачи, заедно со уште тројца поранешни високи припадници на ОВК, Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи, е обвинет за злосторства против човештвото и за воени злосторства, извршени „најмалку од март 1998 до септември 1999 година“. Красниќи, исто така, на деношното изјаснување за вината, рече дека не се чувствува виновен.

Обвинението, кое содржи десет точки, тврди дека сите четворица биле дел од заеднички злосторнички потфат и дека споделувале „заедничка цел во насока на стекнување и вршење контрола над цело Косово“, користејќи средства кои вклучувале „незаконско заплашување, малтретирање, насилство и отстранување на оние што се сметале за противници“.