Тачи: Нема да поднесам оставка од претседателската функција ако бидам повикан во Хаг

Претседателот на Косово Хашим Тачи изјави дека досега нема добиено покана да се јави пред Специјалниот суд за воени злосторства во Косово, чие седиште е во Хаг, во својство на обвинет, како еден од основачите и водачите на поранешната Ослободителната војска на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

19

Во синоќешното интервју за телевизијата Т7, Тачи рече дека не може да предвиди дали ќе биде повикан во Хаг, но потврди дека доколку добие покана секако ќе одговори на неа, како и неговите соборци од ОВК.

Тој потврди дека во Хаг и во Приштина веќе бил интервјуиран како сведок за неколку случаи за кои трибуналот покренал истраги.

– Бев интервјуиран, во случајот на господинот (Фатмир) Лимај и господинот (Рамуш) Харадинај, во Хаг, потоа во Косово повторно во случајот на Лимај, како и за еден случај во врска со претендирани воени злосторства. Одговорив позитивно, бев интервјуиран, се затвори испитувањето во својство на сведок, изјави Тачи.

Тој нагласи дека, и доколку биде повикан од меѓународниот трибинал како осомничен за воени злосторства, нема намера да даде оставка од функцијата претседател на државата.

– Воопшто не ми паѓа на памет. Зошто би си заминале дома, ако не сме обвинети. Немам никаква причина за вознемиреност. Ако добијам покана, ќе одговорам, изјави Тачи.