Тачи сака да биде вицепремиер во идната влада

11

Лидерот на ДПА, исто така најавува „силна 30-дневна војна“ против коронавирусот, доколку тој, како доктор, го преземе раководењето со „штабот за пандемиски кризи“
Лидерот на ДПА Мендух Тачи сака да биде вицепремиер во идната влада, што ќе се формира по изборите на 15 јули и паралелно да го го води „штабот за пандемиски кризи“, како што изјавил на средба со граѓани во Боговиње, Тетовско.

Во тој контекст, тој најавува „силна војна“ против коронавирусот, во траење од еден месец.

„Со ДПА во Владата и јас како вицепремиер, ќе водиме силна 30-дневна војна против вирусот. Не со зборови, туку во стотици милиони евра што ќе бидат инвестирани во здравствениот систем. Верувам дека и другите ќе се согласат јас како лекар да го раководам штабот за пандемиски кризи. Ваучерите не се вистинска помош. Секое лице на возраст над 18 години мора да добие по 100 евра. По конституирањето на владата, мора да се бара финансиска помош од пријателските земји и меѓународните институции. Да се инвестира продуктивно во борбата против вирусот и да се оживее економијата“, истакна Мендух Тачи во Боговиње.

Лидерот на ДПА, кој по професија се дипломиран стоматолог на Универзитетот во Приштина, моментно е еден од пратениците со најдолг стаж во македонското Собрание, каде што првпат влезе во доцните деведесети години од минатиот век. Неговата партија трипати досега партиципираше во Владата – со ВМРО-ДПМНЕ (во периодот 1998-2002 и 2006-2008) и во последната Влада на СДСМ, по реконструкцијата и проширувањето на парламентарното мнозинство, во мај 2018 година. Меѓутоа, никогаш досега Тачи не бил на функција во извршната власт, иако во неколку наврати се споменуваше како можен вицепремиер.

Тачи, во последниот период силно ја критикуваше новата иницијатива на ДУИ за прв премиер Албанец во Северна Македонија, оценувајќи ја како манипулација со гласачите.