ТВ дуел на Трамп и Бајден – коронавирусот и расизмот во фокус

26

Коронавирусот, расизмот и здравствената заштита беа во фокусот на синоќешниот ТВ дуел меѓу претседателлските кандидати Доналд Трамп и Џо Бајден. Трамп вети „успех“, а Бајден „чест и почитување“.

Без оглед на спротиставените ставови за темите како коронавирус, сомнежите за мешање на Русија во изборната кампања, Северна Кореја, здравствено осигурување, доселеничка политика или расизам и климатски промени, синоќешниот ТВ дуел меѓу Трамп и Бајден беше воглавно посодржински и попристоен. Дванаесет дена пред претседателските избори, двајцата кандидати во настапот во Нешвил, во сојузната држава Тенеси, се обидоа да им се допаднат на своите гласачи.

Поранешниот вице-претседател Џо Бајден го критикуваше актуелниот претседател Трамп за неговиот однос кон пандемијата на коронавирус: „Оној кој е одговорен за многуте мртви не треба да остане претседател на САД“. Трамп сѐуште нема никаков план за борба против пандемијата, а се заканува „мрачна зима”.

Претседателот напротив ја фалеше работата на својата влада, демонстрирајќи оптимизам дека САД наскоро ќе ја надминат кризата. Тој не очекува „мрачна зима” како Бајден, туку „исчезнување” на вирусот и скор крај на проблемите. „Тоа што вирусот стигна овде не е моја вина, туку на Кина”, изјави Трамп, со предупредување – Бајден би ја парализирал целата земја со катастрофални последици, доколку се случат натамошни локдауни, многу луѓе би ја загубиле работата и би пораснала стапката на самоубиства.

Бајден негираше намера земјата да ја стави во целосен карантин, туку дека има план за окончување на пандемијата. Тој впери прст во претседателот –без неговиот промашен менаџмент со пандемијата, многумина заболени Американци уште ќе беа живи.