Телма и Алфа етикетирани како „непријатели на Aлбанците“

22

 

Претседателот на ДУИ Али Ахмети од говорница во Гостивар ги нарече телевизиите Телма и Алфа „непријатели на Албанците“ што e сериозно попречување на слободата на медиумите и говор на омраза, за што треба да следува официјална реакција од надлежните институции и организации.

Говорејќи за жестокиот судир внатре во редовите на ДУИ, каде група партиски функционери предводени од поранешниот градоначалник на Чаир Изет Меџити, остро се спротиставува на неговите најблиски соработници, пред сè на вицепремиерот Артан Груби и шефот на дипломатијата Бујар Османи, Ахмети повика на единство и смирување на страстите.

– Кому му служиме со овие поделби што се прават? Се разбира, на непријателите на Албанците, тие „аплаудираат“, Алфа, Телма, Мелма, тоа се тие. Што добија Албанците кои беа поделени во минатото, што? Не добија ништо – рече Ахмети.

Вакви посочувања со прст кон конкретни медиуми не е првпат да се изрекуваат од политичари на високи позиции и тие секогаш имале сериозни последици и предизвикувале поделби во општеството. Поранешниот премиер Никола Груевски од партиски митинг во центарот на Скопје отворено повика да не ѝ се верува на тогашната ТВ А1 и на другите критички настроени медиуми. Членовите и поддржувачите на оваа партија потоа јавно ја нарекуваа А1 „торбешка телевизија“, а критички настроените медиуми и новинари ги жигосуваа како „соросоидни“. Потоа Груевски со помош на државните институции лансираше хајка против таа телевизија, што резултираше со нејзино згаснување.

Непријатели меѓу медиумите прогласуваше и неговиот наследник на премиерската функција Зоран Заев. Во една негова изјава Заев рече дека „за СДСМ поголем политички непријател се Сител, Канал 5, Алфа, МРТВ, отколку ВМРО-ДПМНЕ“.