Тензично, но мирно на Косово

15

Северниот дел од Косово и натаму е блокиран, а двете страни продолжуваат со меѓусебни обвинувања за развојот на ситуацијата која на моменти беше на раб на ескалација. Во обид да се смират страстите меѓу двете страни во Приштина попладнево на состанок со косовските челници е американската делегација предводена од советникот на Стејт департментот Дерек Шоле придружуван од специјалниот претставник за западен Балкан Габриел Ескобар. Посетата според информациите ја започнале од манастирот Високи Дечани, а очекувањата се дека ќе бараат Белград и Приштина да се вратат на дијалогот. Слична порака утринава пристигна и од Европската Унија.

-Знам дека двете страни се подготвени за деескалација, и ги повикувам двете страни да го направат тоа. Ова нарушување на јавниот ред, ова насилство се недозволиви, тие мора да се вратат на дијалогот, мора да ја надминат оваа тенденција да се борат на улиците, создавање на блокади не е начин за пронаоѓање на решение. – Жосеп Борел – Висок претставник на ЕУ

На косовската полиција не и е место на северот во Косово – ова е пораката на српскиот Претседател Вучиќ кој во интервју за Ројтерс ја обвини Приштина за ескалацијата, а ги повика косовските Срби да не подлегнуваат на провокации и да ги почитуваат ЕУЛЕКС и КФОР. Најави барање до КФОР за враќање на српската војска во Косово, а одлуката за тоа кога ќе го испратат барањето како што кажа ќе се донесе во четврток.

-Секако дека косовската полиција нема што да прави на северот од покраината, а посебно не луѓе до заби наоружани со долги цевки, ниту по еден акт и никаде тоа не го пишува и тоа е тоа што создава немир и страв кај српското население. – Александар Вучиќ – Претседател на Србија

За косовскиот Премиер Курти пак, Србија е закана не само за Косово туку и за целиот регион. Го обвини Белград за милитаризација и хегемонистички амбиции. Според него, српските власти сакаат да продолжат со војната која ја загубиле пред 23 години.

-Милитаризацијата на Србија низ годините не доведе до ваква состојба. Секоја година тие одвојуваат околу 3 отсто од бруто домашниот производ за армијата и вооружувањето додека домашниот производ се зголемува, оваа милитаризација на Србија заедно со хегемонистичките амбиции несомнено е закана за целиот наш регион.- Албин Курти – Премиер на Косово

Тензиите во Косово се зголемија откако српските претставници од ноември ги бојкотираат институциите на Косово поради проблемот со регистарските таблички, а барикадите се појавија по апсењето на етнички србин, поранешен полицаец, кој Приштина го товари за тероризам. Викендот беше фрлена и шок бомба врз припадници на ЕУЛЕКС, а се слушаа и истрели од огнено оружје. Состојбата во Косово ја следат и македонските власти. Шефот на дипломатијата Османи преку социјалните мрежи повика на деескалација на состојбата, отстранување на барикадите и воспоставување на правна држава.