Тимоние: Младите ќе ви се иселуваат и да почневте преговори, а без резултати во правосудството

7

Поддршката за европскатa перспектива на Западен Балкан останува, а ќор-сокакот во кој се најдовме не ја спречува обновата на процесот на преговарање со ЕУ, порача амбасадор на Франција, Кристијан Тимоние, во Собранието каде се одржува седница на Националниот совет за евроинтеграции на која тема е токму францускиот нон-пејпр.

Тој рече дека се нашле во двоен ќор-сокак, првиот е тоа што две земји, Србија и Црна Гора, почнале преговори и тие траат со децении, вториот е потребата од реорганизација на процесот на преговори во рамки на ЕУ.

– Затоа идејата е да не се продолжи со систем кој повеќе не функционира и да се гледа на тоа како на историска грешка, туку историска шанса да се создаде систем кој функционира и кој ќе биде многу побрз во споредба со претходниот – рече Тимоние.

Тоа, рече Тимоние, ќе се постигне преку четирите принципи кои се наоѓаат и во нон-пејперот. Тој не сакаше многу да зборува за нон-пејперот бидејќи истиот е познат во јавноста и доставен до земјите членки на ЕУ и кандидатките, но зборувајќи за него го спомена правосудството и владеењето на правото како главен приоритет. Владеење на правото мора да се постигне бидејќи, како што рече, со стариот процес на преговарање не се постигнуваат задоволителни резултати затоа што испитувањето на јавното мислење покажува големо незадоволство од судството дури и во земјите кои се веќе членки на ЕУ. Токму во оваа област Тимоние го нагласи Законот за СЈО како конкретно барање и област во која се очекува напредок.

Зборувајќи за францускиот документ, Тимоние го нагласи и процесот на реверзибичност односно навраќање. Тоа значи дека ќе има враќање назад, ако има назадување во некоја област, рече амбасадорот.

Тој рече дека од другите земји членки засега има и позитивни и негативни реакции за документот, но очекуваат процесот со усвојување на новата методологија да се заврши до крајот на јануари и пота да може да се трасира патот кон Самитот во Загреб.

Во дискусија со пратениците од кои Ивана Туфегчиќ порача дека Емануел Макрон испраќа конфузни пораки со неговите изјави, Тимоние уште еднаш потенцираше дека целта на Франција е проширувањето да не биде цел само поради себе туку тој процес да донесе бенефит и за земјите-членки и за кандидатите.

Пратеничката од власта порача дека различните изјави пред и по Самитот, доведуваат до конфузија, младите кои се надеваат дека до 2025 ќе влеземе во ЕУ се разочаруваат.

– Моето прашање до вас амбасадоре е, уште колку нови документи ќе видиме додека Македонија добие датум? Ние нема да станеме членка утре туку ќе добиеме датум за да почнеме преговори за да станеме членка – праша Туфегчиќ.

Тимоние рече дека го разбира нетрпението и оти посакуваат процесот на носење нова методологија бргу да заврши и порача дека тие не стратуваат од нови членки на ЕУ туку дека сакаат тие земји да бидат доволни силни.

– Имаме отворање на преговори и членство без да гледаме каква е состојбата со правосудството и корупцијата, а младите ќе продолжат масовно да се иселуваат бидејќи Унијата не им го дала тоа што го очекувале. Никој не сака да ги успорува земјите туку да успееме заедно. Европскит проект треба да биде строг, а не само лиценца некој да почне преговори и да прави што сака – рече Тимоние.