Тимот на СЗО во Вухан гледа податоци што „никој досега не ги видел“ – и не исклучува дека вирусот избегал од лабораторија

22

Тимот на Светската здравствена организација во Вухан, кој го истражува потеклото на ковид-19, вели дека тие добиваат податоци „што никој досега не ги видел“ и дека „навистина напредуваат“ – и ја немаат исклучено можноста вирусот да избегал од лабораторија.

Д-р Питер Дасзак, дел од тековната мисија на СЗО, за Скај њуз изјави: „Гледаме нови информации и добри се, тоа е многу вреден материјал што почнува да ни помага да ги погледнеме вистинските насоки за овој вирус.“

Д-р Дасзак рече дека посетите на локациите даваат вредни информации – особено пазарот за морски плодови Хуанан, каде што беа откриени првите случаи на ковид-19.

„Ние сме на пазарот за самостојно да разгледуваме и да поставуваме прашања, се среќаваме со менаџерите на пазарот, со продавачи што работеле таму и со луѓе од заедницата и им поставуваме прашања. Разговараме со луѓето што собраа примероци од подот на пазарот, кои потоа беа позитивни.“

Мисијата на СЗО пристигна во Вухан повеќе од една година откако почна епидемијата таму, откако организацијата се пожали на задоцнет пристап. Но кинеските научници во меѓувреме спроведоа свои истражувања за потеклото на ковид-19. Д-р Дасзак рече дека „наоѓаме малку траги тук-таму во богатството на податоци“.

„Тие со нас споделуваат податоци што не сме ги виделе порано – што никој досега не ги видел. Тие со нас зборуваат отворено за секој можен правец. Ние навистина напредуваме и мислам дека секој член на тимот би го рекол тоа.“

Предвидено е СЗО да го посети Институтот за вирусологија во Вухан. Тамошните истражувачи работат со коронавируси, но ги отфрлија тврдењата дека ковид-19 се појавил како резултат на истекување. Д-р Дасзак за Скај њуз изјави дека не е исклучена можноста.

„Сите сме свесни за хипотезите околу потенцијална вклученост на лабораторија во ова и сигурно ќе му поставиме прашања на Институтот за вирусологија во Вухан за сите клучни аспекти. Ако има податоци што упатуваат на каква било хипотеза, ние ќе ги следиме податоците, ќе ги следиме доказите таму каде што ќе нѐ водат. Ако нè доведат до пазарот на морска храна и до разладувачки синџир, ќе ги следиме таму. Ако нѐ одведе на фарма за диви животни или на пазар за диви животни, ќе одиме таму. Ако нѐ одведе во лабораторија, ќе одиме таму. Сè е на маса и отворени сме за секоја идеја“.

Мисијата на СЗО е строго контролирана од Кина, а научниците се држеа во изолација, како дел од мерките за превенција на ковид-19 во земјата. Критичарите се сомневаат до колкава мера истрагата е наместена – особено откако на својот втор ден научниците го посетија пропагандниот музеј во кој детално се опишува борбата на Вухан против ковид-19.

Д-р Дасзак е оптимист во врска со пронаоѓањето на потеклото на ковид-19.

„Ќе стигнеме до тоа и на крајот од оваа мисија ќе подготвиме извештај што ќе има некакви знаци за тоа кои се најверојатните сценарија.

Но дури и ако се открие потеклото, д-р Дасзак вели дека новите варијанти на вирусот значат дека засекогаш ќе живееме со ковид-19.

„Ова е еден од вирусите што скокаат кај луѓето, а потоа стануваат ендемични и ќе бидат со нас засекогаш. Но ќе се помириме со тоа. Ќе имаме функционална вакцина и ќе добиеме спасителна варијанта, ќе ја модифицираме вакцината“.