„Тиранска вечера“ на лидерите на партиите на Албанците со Еди Рама

54

 

Лидерите на албанските партии во земјава вечерва ќе седнат на заеднички коктел со албанскиот премиер Еди Рама, а во друштвото ќе недостасува само лидерот на Беса Билал Касами кој одбива да седне на иста маса со Али Ахмети, дури и под покровителство на Рама.

Официјално темата на средбата не е утврдена, и се работи за неформална вечера без посебна агенда. Според информациите со Али Ахмети на средбата ќе присуствува и вицепремиерот Артан Груби. Од Беса и денеска велат дека во случајот Еди Рама се користи од ДУИ за да му помогне на Али Ахмети за справување со политичката криза.

Од Алтернатива денеска велат дека ја прифатиле поканата на Рама без да влегуваат во дневно политичките агенди на другите поканети.

– Еден од приоритетите е нашиот уставен амандман за спречување на застарување на кривичните дела поврзани со политичката корупција. Најважно од се’ е дека нема нашиот политички капитал да го жртвуваме за амортизирање на ничија партиска криза. – велат од Алтернатива.

Од ВМРО-ДПМНЕ денеска велат дека средбата во Тирана е за спас на политичките кариери на Димитар Ковачевски и Али Ахмети.

За ДУИ и за СДСМ во средбата во Тирана нема ништо спорно, а Еди Рама е докажан пријател на Македонија и состанокот може да биде само добар за регионот. Поранешниот пратеник Исмет Рамадани за Студио 10 пак вели дека Еди Рама ќе им пренесе на партиите дека уставните измени треба да бидат приоритет пред некакви други барања на албанците.

Средба од ист ваков формат со Али Ахмети, Зијадин Села и Биљал Касами, албанскиот премиер организираше на 29 декември 2016 година во Тирана, од која произлезе заедничката Декларација на албанските политички партии за зачувување на интересите на Албанците, или таканаречената Тиранска платформа која сеуште се користи во партиските политички пресметки.