Трамп во ОН ја критикуваше Кина, побара да се смета за одговорна за пандемијата

19

Претседателот на САД Доналд рамп во својот говор на Генералното собрание побара од Обединетите нации да ја сметаат Кина за одговорна за пандемијата на коронавирусот, а меѓу успесите на својата администрација го наведе договорот меѓу Србија и Косово.

Трамп во снимениот говор со кој се обрати на 75-тото заседание на Генералното собрание на ОН ги пофали и двата неодамна склучени меѓународни договори со негово посредување: за нормализација на односите на Израел и арапските држави Бахреин и Обединетите Арапски Емирати, и договорот на Србија и Косово за „економска нормализација“.

Истакна дека САД со тоа ја „исполнуваат својата судбина на миротворец“, пренесува Асошиејтед прес.

„Овие историски договори се знак за осамнување и раѓање на нов Блиски Исток“, порача Трамп и кажа дека неговата администрација планира наскоро да посредува во нови мировни договори.

Претседателот на САД побара од ОН „Кина да ја сметаат за одговорна за нејзините дела“ во врска со пандемијата на ковид-19.

„На почетокот на ширењето на вирусот Кина ги забрани внатрешните летови, а истовремено им дозволи на авионите да ја напуштат Кина и да го заразат светот“, кажа Трамп.

„Кинеската влада и Светската здравствена организација, која е речиси под контрола на Кина, погрешно изјавија дека нема докази дека луѓето го пренесуваат вирусот“, додаде Трамп.

Трамп упорно ја обвинува Кина дека не го информирала на време светот за новата болест која се појави на нејзина територија.

Додека САД се на прагот на над 200.000 умрени од коронавирусот, Трамп кажа:

„Повторно сме вклучени во голема глобална борба. Водевме и водиме жестока битка против невидливиот непријател – кинескиот вирус – кој однесе безброј животи во 188 земји“.

Трамп се обиде и да го одбрани одговорот на својата администрација на пандемијата, тврдејќи дека тоа била „најмасовната мобилизација од Втората светска војна“.

„Ќе поделиме вакцина, ќе го победиме вирусот, ќе ставиме крај на пандемијата и ќе влеземе во нова невидена ера на просперитет, соработка и мир“, истакна Трамп.