Трамп ги забрани сите летови од Европа

3

Доналд Трамп го забрани патувањето во САД од поголем дел од Европа – освен Велика Британија и Ирска – во тек на 30 дена, во обид да го ограничи ширењето на коронавирусот.

Трамп ова го стори по сè поголемиот притисок да преземе акција.

Трамп го потпиша претседателскиот указ со кој се забранува влегувањето во земјата на повеќето странски државјани што биле во одредени европски земји во кое било време во текот на 14-дневниот период пред нивното планирано пристигнување во САД.

Според вршителот на должноста секретар за внатрешна безбедност Чед Вулф, ова се земјите од шенген-зоната: Австрија, Белгија, Чешка, Данска, Естонија, Финска, Франција, Германија, Грција, Унгарија, Исланд, Италија, Латвија, Лихтенштајн, Литванија, Луксембург, Малта, Холандија, Норвешка, Полска, Португалија, Словачка, Словенија, Шпанија, Шведска и Швајцарија.

Забраната не се однесува на лица со дозвола за постојан престој во Соединетите Држави (носители на таканаречената „зелена карта“), непосредните членови на семејството на граѓани на САД и некои други лица именувани во прогласот.

Во едно возбудливо ТВ-обраќање од Овалната канцеларија, американскиот претседател се пофали дека забраната за патувања и серијата други мерки наменети за ублажување на економскиот удар од епидемијата се „најагресивниот и најсеопфатен напор за соочување со странски вирус во историјата“.