Трамп ги негира обвинувањата дека доцнел во реакцијата на заканата: „Лажни вести!“

Американскиот претседател Доналд Трамп ги отфрли критиките дека неговиот одговор на заканата од коронавирусот бил задоцнет, нарекувајќи ги ваквите обвинувања „лажни вести“ од демократите и од медиумите.

12

Трамп на Твитер објави: „Ако опозиционата Партија на лажни вести со сета сила тврди дека претседателот Трамп ‘ги игнорирал раните предупредувања за заканата’, тогаш зошто демократите и медиумите злобно ме критикуваа кога воведов забрана за патување за Кина? Тие рекоа ’рано и непотребно’“.

„Корумпирани медиуми“, напиша Трамп.

Информациите во американските медиуми сè повеќе предизвикуваат загриженост од начинот на кој Белата куќа реагирала на првите знаци дека се доближува пандемија, намалувајќи го тогаш значењето на ризикот за САД и не предупредувајќи за потребата од обезбедување на потребните медицински материјали.

Вашингтон пост и Њујорк тајмс велат дека дека високи советници на американскиот претседател кон крајот на јануари предупредувале дека пандемијата на коронавирусот може да однесе стотици илјади американски животи.

Трамп првично ја минимизираше сериозноста на заканата од коронавирусот, во почетокот на март јавно стоејќи на ставот дека дека вирусот не е причина за загриженост за САД.

Во тие рани месеци Трамп ги фалеше напорите на Кина да го спречи ширењето на вирусот, кој избувна во кинескиот град Вухан.

Минатата недела тој ја обвини Светската здравствена организација и се закани дека ќе го намали нејзиното финансирање.

„СЗО киксна“, напиша тој на Твитер, предупредувајќи дека Соединетите Држави се главниот финансиер на организацијата.