Трамп: Ловот на вештерки мора да престане!

13

Американскиот претседател Доналд Трамп денес не го криеше гневот додека неговиот амбасадот во Европската Унија сведочеше во Конгресот, барајќи истрагата за негово отповикување „веднаш да престане“.

„Тој лов на вештерки мора веднаш да престане. Тој е толку штетен за нашата земја!“, напиша американскиот претседател на Твитер.

Овие знаци на нервоза кои Трамп ги покажа на денот на сослушувањето на главниот соработник во случајот, што фрла сенка на неговата кампања за реизбор, противречат на неговите изјави од пред два дена кога кажа дека размислува за тоа и самиот да сведочи.

„Демократската лидерка во Конгресот Ненси Пелоси предложи да сведочам во лажната истрага за отповикување. Дури кажа дека би можел тоа да го направам писмено“, напиша тој во понеделникот.

„Иако не направив ништо лошо и не сакам да додавам важност на таа пародија на правосудството, ми се допаѓа таа идеја“, кажа тој и додаде: „Сериозно ќе размислам за тоа“.

Гордон Сондланд, дипломат близок до американскиот претседател, беше сослушан денес во Конгресот и директно го прозва зборувајќи за спорните барања од Украина кои беа причината за истрагата за отповикување.

Сондланд, американски амбасадор во ЕУ, кажа дека мисли дека Трамп навистина ја условувал билатералната средба со украинскиот колега Володимир Зеленски со тоа Киев да отвори истрага против американските демократи за корупција.

Покрај тоа кажа и дека верува дека големата воена помош на Украина зависи и од почнувањето на тие истраги, иако призна дека Трамп ништо не му кажал за таква поврзаност.