Трамп најави оставка на министерот за правда кој отфрли дека имало изборни измами

23

Американскиот претседател во заминување Доналд Трамп синоќа на Твитер најави дека министерот за правда Бил Бар ќе поднесе оставка.

„Штотуку имав добар состанок со Бил Бар во Белата куќа. Нашите односи се добри, тој одлично ја извршуваше својата функција. Како што наведува во писмото, Бил ќе замине непосредно пред Божиќ да ги помине празниците со своето семејство“,

напиша Трамп на Твитер, објавувајќи дека заменик-министерот за правда Џеф Росен привремено ќе ја извршува функцијата министер.
Но, овој потег на Трамп се смета како уште еден во серијата пресметки со оние кои не застанаа зад него во тврдењата дека Џозеф Бајден победи на претседателските избори со „изборни измами“.

Тој се поврзува со изјавата на Бар дека „изборните измами“ доволно големи за да ја поништи победата на Бајден.

Трамп, кој и натаму одбива да го признае својот пораз, во неделата ги критикуваше Министерството за правда и федералната полиција дека не му помогнале во борбата за докажување на постоење изборни измами.

Објавата на Трамп следи откако Изборниот колеџ во САД вчера гласаше и формално го избра Бајден за нов американски претседател.

Победата на Бајден во Изборниот колеџ се официјализираше откако своите 55 изборни гласови ги достави сојузната држава Калифорнија. Со овие, демократот ја надмина границата од 270 изборни гласови, неопходни за победа на изборите.

Изборниот колеџ има вкупно 538 гласови односно електори (претставници на избирачите) од сите 50 сојузни држави и дистриктот Колумбија. Која држава колку електори има е распоредено пропорционално според бројот на жители.

Формалното потврдување на победата на Бајден не е изненадување со оглед на тоа дека електорите речиси секогаш гласаат за претседателскиот кандидат што победил во државата што ја претставуваат.

Проекциите за распределбата на гласовите во Изборниот колеџ е дека на крајот од гласањето на сите држави, на сметката на демократот ќе се запишат 306 од 538 изборни гласови, а кај поразениот Трамп 232.

Гласовите сега ќе бидат испратени до Конгресот за официјално пребројување на 6 јануари 2021, последната фаза од сложениот изборен процес во САД, кога актуелниот потпретседател Мајк Пенс треба да објави дека Џо Бајден е новиот претседател.

Денот на инаугурацијата на новиот претседател, традиционално, треба да биде на 20 јануари, кога Бајден точно напладне ќе положи заклетва.