Трамп не исклучува кандидатура во 2024 година

20

Дали Доналд Трамп во 2024 година повторно ќе влезе во трка за претседател на САД? На една средба на конзервативни активисти тој не рече ниту да“ ниту „не“.

На првиот јавен настап по заминувањето од функцијата, поранешниот американски претседател Доналд Трамп зборуваше и за прашањето на кандидатура за претседателските избори во 2024 година. На една средба на конзервативни активисти во Орландо, тој рече: „Со ваша помош ќе го вратиме Претставничкиот дом, ќе го добиеме Сенатот, а потоа републикански претседател триумфално ќе се врати во Белата куќа. Се прашувам кој ќе биде тоа? Кој, кој, кој ќе биде тоа, се прашувам“, рече Трамп смешкајќи се.

Публиката тоа го поздрави со громогласен аплауз. Трамп на средбата на Конзервативната политичка акција (ЦПАЦ) повторно рече дека тој победил на изборите на 3 ноември 2020 година. 74-годишниот поранешен претседател до денес одбива да го признае својот јасен пораз на изборите и тврди дека Џо Бајден победил со фалсификат. Притоа, за своите тврдења никогаш не даде докази.

Во својот говор во Орландо, Трамп нагласи дека не планира да основа своја партија и дека ваквите информации се „лажни вести“.