Трамп не сака да се „маскира“

Американскиот претседател Доналд Трамп ја пренесе препораката на американската служба надлежна за борба против инфективни болести, ЦДЦ, за доброволно носење заштитни маски. НО, тоа не значи крај на наложените ограничувања на социјалните контакти.

4

„Маските треба да бидат навистина нешто на доброволна основа. Можете да ги носите, но не морате. Јас лично решив да не носам маска“, изјави синоќа Трамп. Како причина за својата одлука го наведе следното: „Кога се поздравувам со претседатели, премиери, диктатори, кралеви, кралици…Не можам да го замислам тоа за себе, едноставно не можам“.

Препораката важи за носење маски од штоф, изработени од материјал во домашни услови, истакна Трамп, не за заштитни маски кои ги користи медицинскиот персонал.

Американскиот претседател освен тоа на својата влада ѝ наложи да преземе мерки за стопирање на извоз во други земји на заштитни маски од типот Н-95 и на друга заштитна опрема потребна во сузбивањето на коронавирусот. При издавањето на оваа наредба, Трамп се повика на Законот за производство во воени услови, кој му дава широки овластувања и преку обезбедувањето на добра треба да претставува поддршка во интерес на националната безбедност

Инаку во САД само во изминатите 24 часа се регистрирани 1480 мртви како последица од болеста со Ковид-19, а до синоќа, според институтот Џонс Хопкинс, има вкупно околу 7500 смртни случаи. Бројот на граѓани кај кои официјално е констатирана инфекција со коронавирус се искачи на близу 277.000.