Трамп планира големо враќање на социјалните мрежи: Ќе ја промениме играта!

15

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп е трајно суспендиран на „Твитер“ и останатите социјални мрежи после нападите на Капитол на 6-ти јануари оваа година.

Поради тоа што не може да допре до своите следбеници, Доналд Трамп планира да стартува сопствена платформа за два до три месеци, открива за „Фокс“ еден од неговите најблиски соработници, Џејсон Милер.

Милер кој работеше како портпарол на кампањата на Трамп изјави дека поранешниот претседател на САД ќе се врати на социјалните мрежи преку сопствена платформа преку која „ќе ја промени играта“.

Од социјалната мрежа „Твитер“ минатата седмица објавија дека ќе бараат мислење од јавноста во врска кога и како треба да им биде забранет пристапот на светските челници, откако социјалната мрежа се најде на мета на критики поради „комунистичкиот пристап“.

Од социјалната мрежа исто така нагласија дека ќе ја преиспитаат својата политика и се размислува дали и за светските челници треба да важат истите правила како и за останатите корисници.

„Твитер“, но и „Фејсбук“ и останатите најголеми социјални мрежи се најдоа под лупа поради нивните постапки кон профилите на политичарите и владините функционери откако на Трамп му беше забранет пристапот поради „поттикнување на насилство“.

Од „Фејсбук“ каде што на наодредено време, во јануари му го деактивираа профилот на Трамп, побараа од независно надзорно тело да одлучи дали треба забраната да остане на сила.