Трамп повторно обвини за изборни измами додека Бајден е на прагот на пресврт во Џорџија и Пенсилванија

17

Доналд Трамп уште еднаш неосновано ги обвини Демократите за изборни измами, а Џо Бајден повика на смиреност, додека броењето гласови продолжува во преостанатите пет сојузни држави кои ќе го дадат победникот.

Бајден има мало водство во Аризона и Невада, додека истовремено ја намалува предноста на Трамп во Џорџија и Пенсилванија. Според последните објавени резултати, тој заостанува само 650 гласови во Џорџија, а во Пенсилванија 18.000, но некои либерално настроени окрузи допрва треба да ги додадат своите резултати, што оваа изборна трка ја прави една од најнеизвесните во поновата историја.

„Ако ги броите само законските гласови, јас лесно би победил. Ако ги броите незаконските гласови, тие може да се обидат да ја украдат победата од нас. Тие се обидуваат да ги лажираат изборите“, кажа Трамп во своето прво обраќање од Белата куќа откако во средата избрзано прогласи победа.

Тој досега има собрано 214 од потребните 270 електорски гласови и сѐ уште има шанси за победа, иако тие се намалуваат. Според некои медиуми, на Бајден му требаат само уште шест електорски гласови за да стане нов претседател.

Трамп досега нема изнесено докази за нерегуларности и аналитичарите предупредуваат дека тој на овој начин го поткопува интегритетот на изборниот процес.

„Победувавме во сите клучни места и тоа со голема разлика и потоа наеднаш нашите бројки почнаа чудесно да се заматуваат, а тие не им дозволуваат пристап на нашите набљудувачи. Има многу измами и тоа е недозволиво во нашата земја“, кажа Трамп.

Кампањата на Трамп бараше повторно броење гласови во Висконсин и покрена тужби во Пенсилванија, Џорџија и Мичиген. Судиите во Џорџија и Мичиген експресно ги отфрлија вчера.