Трамп прогласи победа, од Врховниот суд ќе бара прекин на пребројувањето на гласовите

53

Кандидатот на републиканците за претседател Доналд Трамп и се обрати на јавноста од Белата куќа прогласувајќи победа на изборите, иако изборната комисија не ги преброи сите гласови.

– Искрено, победивме, иако не се преброени сите гласови. Му благодарам на американскиот народ за големата поддршка. Милиони луѓе гласаа за нас. Но, една многу тажна група на луѓе се обидува да им го одземе тоа право, што нема да дозволиме. Се подготвувавме за голема прослава, рече Трамп.

Тој додаде дека ќе побара од Врховниот суд пребројувањето на сите гласови да се запре „затоа што е очигледно дека републиканците водат во преостанатите неколку држави и дека Бајден и демократите не можат да ги стигнат.

-Тие можат во 4 часот изутринава да донесат уште цели комбиња со гласови и да продолжат да ги бројат. Нема да дозволима да се случи фалсификат. Сакам броењето (на гласови) да запре, изјави Трамп.

Од друга страна тој објави победа, иако во повеќе држави сеуште не се објавени конечните резултатите. Според Си-ен-ен, во Пенсилванија, на пример, води неговиот опонент, демократскиот претседателси кандидат Џо Бајден. Резултатите од ова сојузна држава се очекува да бидат објавени денеска попладне, а можеби и утре.

Според Вашингтон пост, од 270 електорални гласови на изборниот колеџ потребни за победа, според неофицијалните резултати од досега преброените гласови и победи во некои држави, Џо Бајден има освоено 220 гласови, додека Трамп има освоено 213 гласови. Изборниот колеџ треба да го прогласи победникот откако ќе ги изброе гласовите, законски, тоа треба да го стори најдоцна до 14 декември.