Трамп: САД се подготвени да се справат со „божиќниот подарок“ на Северна Кореја

6

Американскиот претседател Доналд Трамп го игнорираше предупредувањето на Северна Кореја за „божиќниот подарок”, велејќи дека Соединетите Американски Држави „ќе се справат со тоа многу успешно”, во услови на загриженост дека Пјонгјанг можеби подготвува ракетен тест со долг дострел.

„Ќе откриеме што е изненадувањето и ќе се справиме со тоа многу успешно“, рече денес Трамп пред новинарите во одморалиштето Мар-а-Лаго. „Ќе видиме што ќе се случи“.

„Можеби е убав подарок“, се пошегува тој. „Можеби подарокот е дека ќе ми испрати убава вазна наместо ракетен тест“, пренесе Ројтерс.

Северна Кореја на почетокот на декември го предупреди Вашингтон дека од нив зависи каков „божиќен подарок“ ќе добијат, откако нејзиниот лидер Ким Џонг Ун постави рок до крајот на годината за САД да предложат нови отстапки во преговорите за нуклеарниот арсенал на неговата земја и да ги намалат тензиите меѓу двата долгогодишни противници.

При предупредувањето, Северна Кореја го обвини Вашингтон дека се обидува да ги развлече преговорите за денуклеаризација пред кандидатурата за реизбор на Трамп следната година и рече дека „во целост зависи од САД каков Божиќен подарок ќе изберат да добијат“.