Трамп сака масовна дистрибуција на вакцина против коронавирусот пред изборите

7

Здравствените власти на САД побараа од сојузните држави да се подготват за масовна дистрибуција на вакцината против коронавирус до почетокот на ноември, пред претседателските избори, се вели во писмото до гувернерите што пристигнало и до AFP.

Американскиот институт за превенција и контрола на болести (ЦДЦ) „бара“ државите „да направат се што е можно поскоро“ за да ги направат идните центри за дистрибуција на вакцините „целосно оперативни до 1 ноември 2020 година“, напиша нивниот директор Роберт Редфилд во писмото испратено до сојузните држави.

Шефот на ЦДЦ особено споменува укинување на административните ограничувања, издавање на дозволи и лиценци.

Ова е уште еден знак дека трката со вакцини е во полн ек низ таа земја што страдаше најмногу од пандемија.

„Здравствените власти брзо се подготвуваат за масовна дистрибуција на вакцината против ковид-19 на есен“, посочува Редфилд во писмото.

Претседателот Доналд Трамп, кандидат за втор мандат на изборите на 3 ноември, минатата недела рече дека САД ќе ја направат вакцината „оваа година“.

Иако неколку вакцини се во фаза на клиничко испитување, неизвесно е дали некоја ќе биде ефективна и безбедна, но властите веќе се подготвуваат за евентуална дистрибуција за да заштедат на драгоцено време.

Документ објавен од Њујорк Тајмс и испратен до локалните здравствени власти истиот ден кога писмото на директорот на ЦДЦ разгледува три сценарија во зависност од развојот на „вакцината А“ и „вакцината Б“. Вториот се чини дека одговара на вакцините на кои работат Фајзер и Модерна, пишува американскиот дневен весник. САД резервираа милиони дози од овие компании.

„Сценаријата опишани подолу треба да се користат од страна на државното и локалното судство за да се развие оперативен план за рана вакцинација против ковид-19 бидејќи снабдувањето со вакцини ќе биде ограничено“, се објаснува во документот.

Во него детално се опишани условите за нивно чување и се наведува кои треба прво да се вакцинираат, а тоа се здравствените работници.