Трамп сподели видео со расистички слоган поврзан со белечката надмоќ, па го избриша

8

Претседателот на САД, Доналд Трамп, вчера на својот профил на Твитер сподели видео во кое негови приврзаници извикуваат „бела моќ“, расистички слоган што асоцира на превласта на белците.

Тој подоцна го избриша твитот, а Белата куќа објави дека претседателот не слушнал „ниедна од изјавите“ во видеото.

Видеото е снимено во Вилиџис, мал град на Флорида населен со пензионери, и прикажува дуел меѓу демонстранти што го поддржуваат Трамп и негови противници.

„Благодарам до големите луѓе во Вилиџис“, напиша Трамп.

На снимката што ја сподели се гледаат луѓе во возила за голф украсени со пароли и знамиња на Трамп додека извикуваат „бела моќ“.

Се гледаат и противници на Трамп, кои кон неговите приврзаници возвраќаат извикувајќи „нацисти“ и „расисти“.

„Нема сомнение дека Трамп не требало да го објави видеото и дека треба да го избрише“, рече сенаторот Тим Скот, единствениот црн републиканец во Сенатот, за Си-ен-ен.

Набргу потоа, Трамп го избриша твитот во кој го сподели видеото.

Портпаролот на Белата куќа Џуд Дир изјави дека Трамп е „голем обожавател на Вилиџис“ и дека не слушнал ниедна изјава од снимката. Она што го виде беше огромниот ентузијазам на неговите многубројни поддржувачи“.

Неговата објава со расистички слоган доаѓа во време на расни тензии, дебати за системската дискриминација и големи протести, откако полицаец кон крајот на минатиот месец го задуши Афроамериканецот Џорџ Флојд.