Тренчевска: И во буџетот за 2023 планираме средства за помош на граѓаните доколку продолжат економската и енергетската криза

13

Во буџетот на Владата има средства за 2023 година доколку економската и енергетската криза продолжат и понатаму за да креираме нови антикризни мерки, нов пакет на антикризни мерки во коишто, исто така, ќе ги детектираме најранливите категориии на граѓани, на оние на коишто им е потребна најмногу помошта за да бидат вклучени во новиот пакет на антикризни мерки, изјави министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Струмица.

Според министерката, во услови кога се уште се чувствуваат последиците од светската криза, како Влада и ресорно министерство го донеле Законот за финансиска поддршка на ранливи категории за справување со енергетската криза.

Тренчевска истакна дека се мапирани најранливите категории граѓани со законот, како што се корисници на право на социјална сигурност на стари лица, корисници на посебен додаток, лица со попреченост и трајни промени во здравствената состојба, самохрани родители кои се евидентирани корисници на гарантирана минимална помош, пензионери со пензија во висина од 14.000 денари, со телесно оштетување и невработени лица-корисници на право на материјално обезбедување и паричен надоместок.

Посочи дека помошта која ја добиваат пензионерите, чија пензија не е поголема од 11.525 денари добиваат 1.500 денари месечно плус за период од четири месеци, како и пензионерите на кои пензијата не им е поголема од 14.000 денари добиваат помош од 750 денари месечно за период од четири месеци.

Министерката најави дека од понеделник МТСП ќе ја исплати паричната помош за повеќе категории корисници кои ќе добијат финансиска поддршка од 3.000 денари месечно за период од четири месеци.

-На 14 декември ќе биде исплатена и паричната помош за невработени лица-корисници на право на материјално обезбедување во вид на паричен надоместок од страна на Агенцијата за вработување и овие лица ќе добијат финансиска поддршка од 3.000 денари месечно за период од четири месеци, рече министерката Тренчевска.

Додаде дека граѓаните имаат можност да проверат дали се на списоците објавени на веб-страницата на Министерството, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и на Агенцијата за вработување и доколку некој не се наоѓа на списоците, а смета дека ги исполнува условите, да поднесе приговор во архивата на Министерството и на официјалната електронска пошта. Комисијата формирана за одлучување по приговори за финансиска поддршка одлучува во рок од 15 дена од денот на поднесувањето на приговорот.