Тројца адвокати во ТНТ казнети со по 2000 евра поради обид за одолговлекување на судењето

14

По 13 часа од вчерашното судење за случајот ТНТ, за рушењето на станбениот комплекс Космос на бизнисменот Фијат Цаноски, обвинетите во овој случај меѓу кои и поранешниот министер Миле Јанакиески и поранешниот градоначалник Тони Трајковски дојдоа во судот, но дел од адвокатите не се појавија на судење.

Тројца адвокати кои бранат четворица, од вкупно седум обвинети во предметот денеска не можеле да дојдат и добија казни.

На почетокот на рочиштето, Трајковски го извести судот дека синоќа, по завршувањето на рочиштето кое траеше десет часа и заврши околу 20 часот, му го откажал полномошното на неговиот адвокат, Боро Тасевски.

– Го откажав полномошното затоа што не бев предупреден дека за помалку од 13 часа ќе треба да ја дадам својата одбрана и затоа што немав можност да ја подготвам одбраната во овој краток временски период, рече Трајковски.

За нов адвокат го избрал Јовица Страшевски, но новиот адвокат не можел да дојде денеска бидејќи бил во Бугарија.

Без адвокат дојдоа и две обвинети кои ги застапува адвокатот Дончо Наков кој морал да оди на судење во Куманово. Во судница не дојде и адвокатот Мерџан Адути кој бил во Србија.

Судијата Огнен Ставрев недоаѓањето на адвокатите го нарече обид за одолговлекување на постапката и ги казни тројцата адвокати со по 2000 евра и порача дека ќе ги пријави во адвокатската комора. Според судијата, адвокатот Тасев имал законска обврска да го застапува клиентот 15 дена по откажувањето на полномошното,а другите судења и обврски на адвокатите за него не се оправдување.

– Ова би одело до недоглед. Сега баш крајот го откажавте полномошното. Добро сте упатени во оваа постапка, ќе имате бранители по службена должност, рече судијата Ставрев.

Обвинетите негодуваа дека не сакаат да дадат одбрана без своите адвокати кои го знаат предметот.

Обвинителот Бурим Рустеми побара од судот да не влегува во вакви игри и да им одреди адвокати по службена должност. Сепак обвинетите не заборавија да напоменат дека судењето многу пати се одлагало поради нефункционирањето на СЈО.

Иако поранешниот премиер, Никола Груевски кој е првообвинет ,е во бегство, неговиот адвокат по службена должност беше присутен.

Судењето за овој случај е при крај и по одбраната на обвинетите треба да има пресуда.