Туризмот без стратегија

7

Се очекува дека во 2020 година во земјава да пристигнат над 1.3 милиони странски туристи. Меѓутоа, дури и таа бројка е мала во споредба со над еден милион посетители во туристичкиот центар Златибор, или над 3 милиони туристи кои го посетуваат Дубровник за една година

Од Фисник Пашоли

Северна Македонија очекува годинава да заработува околу 250 милиони евра од туризмот, додека најоптимистичките прогнози се дека до 2023 година како држава ќе заработуваме близу 500 милиони евра од истата област. Туристичките работници очекуваат дека во земјава во 2020 година ќе доаѓаат над 1.3 милиони странски туристи. Меѓутоа, дури и оваа оптимистичка бројка од доаѓањето на странските посетители за целата наредна година е мала во споредба со над еден милион посетители во туристичкиот центар Златибор, или над 3 милиони туристи кои го посетуваат Дубровник за една година. Тешко дека можеме да се споредуваме со хрватскиот бисер на туризмот, каде што голем број на посетители се на поминување и доаѓаат од бродовите, или да се споредуваме со Златибор, кој туризам има 12 месеци. Двата овие туристички центри организираат и многубројни културни настани како што се фестивалите, концертите, саеми за здрава храна, различни стручни конгреси и слично, додека такви настани на охридската ривиера се избледени.

Ако ги земеме како пример Охрид и Струга, што се претпоставува дека се главни туристички центри во државава, се поставува прашањето како можеме да очекуваме повеќе туристи кога веќе 40 години зборуваме за изградба на автопатот Скопје – Охрид – Струга, или за изградба на модерен пат од Охрид до Свети Наум.

Се уште на двата града им недостасува силен хотелски светски бренд што ќе ги привлече и странските туристи со подлабок џеб, додека имаме само еден хотел со пет ѕвездички на Охридското Езеро.

На Попова Шапка, после многу поплаки и одложувања, конечно е реконструиран патот, но се уште има одложувања во развојот на овој туристички центар без сериозна инвестиција од некој странски инвеститор и тешко дека може да вработува со илјадници луѓе и да донесува милиони евра во државната каса.

Значи, наместо да заработиме стотици милиони евра од туризмот,ние треба да мислиме како да создадеме услови за неколку години да заработуваме една милијарда евра од туризмот. Во изминативе години, субвенциите за донесување на странски туристи, како и субвенциите за евтини летови, промовирањето на државата и другите мерки дадоа донекаде резултати, но тоа не задоволува.

И различните стратегии на туризмот во изминативе 30 години се чини дека останале на хартија. Останува дека експертите за туризам и туристичките работници да нудат решенија дека каква врста на туризам треба да имаме со „калабалак“ туристи, кои малку трошат, или со елитни туристи во лето или зима кои повеќе трошат.

Така, поголемо внимание бара и чистотијата за која се жалат и странските туристи, а можеби е време да се формира и еден Институт за туризам кој ќе ги анализира трендовите, врстата на туристите, нивните интереси и поплаки за да можеме врз основа на тоа и да го насочиме поголемиот развој на туризмот во земјава во зимскиот туризам, на бањите, на езерата, гастрономијата, ловот и риболовот,планинарството и така натака.