Турски енергетски експерти утре во Софија за преговори за нови можности за снабдување со гас преку нов терминал во Турција

7

 

Група турски енергетски експерти утре ќе пристигне во Софија за да преговара за можностите Бугарија да ги добива своите испораки на гас преку нивните терминали, најави бугарскиот министер за енергетика Росен Христов.

Тој остана дополнително во Истанбул, по делегацијата на претседателот на Бугарија Румен Радев, која во петокот беше во посета на градот.

– Во март 2023 година, во Турција ќе почне со работа нов терминал за течен гас, каде Бугарија ќе може да истовара танкери или преку него да купува природен гас од други производители, изјави Христов за софиското радио „Фокус“.

Христов рече дека останал подолго во Истанбул за да може да се договорат деталите со турската гасна компанија „Ботас“, додавајќи дека веќе постои конкретен патоказ со рокоти и датуми до кои мора да се постигне системски договор меѓу Бугарија и Турција.

Според Христов, Бугарија сака да постигне среднорочни и долгорочни испораки на течен гас преку терминалите во Турција.

Покрај средбите со турскиот министер за енергетика и генералниот директор на енергетската компанија „Ботас“, Бурхан Јозџан, тој договори и соработка на полето на производството на зелен водород, така што во следните неколку недели се очекува да бидат потпишани неколку клучни договори и меморандуми од март 2023 година, кога ќе почне да функционира новиот терминал за течен гас во Турција.

– Бугарија ќе има можност таму да ги растовара танкерите што ги има договорено или пак што ќе ги купува преку Турција, рече Христов.

На овој начин, според него, Бугарија ќе има целосна диверзификација на можностите за снабдување со гас, кои досега се вршеа преку терминалите во Грција.